Постојат шест критериуми за да се најдеш на Шангајската листа: „Државата треба да направи стратегија, Законот за високо образование ги спушти критериумите за избор во повисоко звање“
На академското рангирање на најдобрите универзитети во светот, познато како Шангајска листа, повторно нема ниту една високообразовна институција од земјава, што претставува трета година по ред. Покрај македонските, на Шангајската листа на 1000 најдобри високообразовни институции, ниту годинава не се рангираа универзитети од Бугарија и Албанија. Шангајската листа се смета за една од најрелевантните и се објавува од 2003 година. Оваа година биле анализирани над 2 500 институции, а конечната листа ги претставува најдобрите 1 000 универзитети во светот врз основа на транспарентна методологија и објективни податоци.

Според македонистката и професорка од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ Елка Јачева-Улчар, постојат шест критериуми врз кои почива Шангајската листа: број на добитници на Нобелова награда и Филдсов медал меѓу поранешните студенти (10%), Нобелова награда и Филдсов медал во персоналот на универзитетот (20%), високо цитирани истражувачи во 21 категорија (20%), трудови објавени во списанија и (20%), Индекс на научни цитати и Индекс на цитати од општествени науки (20%) и придонес по глава на академци (од наведените индикатори) на институцијата (10%). Во разговор за „Локално“ истакнува дека иако се први наведени, на „нобеловците“ и на „филдсовците“ отпаѓаат вкупно 30% од критериумите коишто тешко би можеле да ги освоиме во догледно време, но останатите 70% се полесно остварливи под определени услови за кои ќе стане збор подолу.
Ако направиме споредба на местото на нашите универзитети на Шангајската листа низ учебните години, лесно можеме да заклучиме дека во македонските високообразовни и научни институции, во текот на изминатиот период опаѓал квалитетот на научноистражувачката работа. Според моето мислење, ова се должи на неколку фактори. На прво место го ставам непостоењето на некаква развиена стратегија за научноистражувачка работа во нашата држава. По ова следува, многу слабото финансирање, односно издвојување на минимален процент во Буџетот на државата за оваа дејност. Само за споредба, до лани Министерството за образование и наука повеќе од 10 години не распишуваше конкурс за финансирање научноистражувачки проекти коишто би се работеле на факултетите и научните институти во Македонија. Тука, се разбира, е и Законот за високото образование, кој беше донесен од актуелната власт и кој многу ги спушти критериумите за избор во повисоко звање наспроти претходниот кој имаше поставено високи критериуми, во смисла на вреднување на трудови само со фактор на влијание, но без создавање услови, пред сè, финансиски, за спроведување на квалитетни научни истражувања, чиј продукт би биле таквите трудови, ни вели професорката.
…






