Хамас се закани со сеопфатна војна доколку Израел продолжи со целните убиства

 

– Официјалниот претставник на групата Хамас, која владее со Појасот Газа, Салех ал-Ароури, го предупреди Израел да не ги обновува целните убиства на водачите на организацијата, бидејќи тоа може да предизвика „регионална војна“.

На предупредувањето му претходеше минатонеделната седница на потесниот состав на израелскиот владин кабинет, задолжена за безбедноста, по неколкуте смртоносни напади врз Израелци на Западниот Брег, на која, како што соопшти кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху, беа донесени „низа одлуки да се гаѓаат терористи“.

Нетанјаху и министерот за одбрана, Јоав Галант, се задолжени за нивно спроведување, јавија денеска израелските медиуми.

Деталите за спроведување на одлуките не се објавени, но во јавноста стана познато дека еден од потезите на кои се бара е обновување на целните убиства.

Во интервју за либанскиот проирански медиум „Ал-Мајадин“,  заменик-лидерот на политичкото крило на Хамас, Ал-Ароури, тврди дека Израел одлучил да ликвидира голем број личности, вклучувајќи го и главниот командант на организацијата Мохамед Деиф, кој со години наназад е цел на напади заради неговата улога во нападите.

Ал-Ароури се наоѓа и на израелската листа на барани личности бидејќи наводно го организирал киднапирањето и убиството на тројца израелски малолетници во 2014 година, по што изби војната меѓу Хамас и Израел.

Ал-Ароури додаде дека израелската Влада се обидува да ги протера Палестинците од окупираниот Западен Брег и да ја преземе контролата врз светилиштето во Ерусалим каде што се наоѓа џамијата Ал Акса.

-Лидерите на окупациската влада со својата екстремистичка политика ќе предизвикаат општа војна во регионот. Некои во владата размислуваат за активности како преземање контрола врз џамијата Ал Акса и нејзина поделба, заедно со убиства, знаејќи дека тоа ќе доведе до регионална војна, рече Ал-Ароури, наведуваат израелските медиуми.

„Ако дојдеме до точка на сеопфатен конфликт, Израел ќе се соочи со невиден пораз во својата историја и ние сме убедени во тоа“, додаде претставникот на Хамас.

Тој рече дека Хамас „се подготвува за сеопфатна војна и разговара за изгледите за таа војна со релевантните страни“, потсетувајќи на неодамнешните закани кон Израел од страна на лидерот на либанскиот Хезболах, Хасан Насралах.

Back to top button
Close