Септември 2023 прогласен за месец на македонската култура во САД
Септември оваа година е прогласен за месец на македонската култура во САД, пренесува Гласот на Америка. Во известување од гувернерката на Мичиген, Гречен Витмер се наведува дека во пресрет на одбележувањето на Денот на независноста на Република Македонија, овој септември е прогласен за месец на македонско-американско наследство. Според Витмер важно е да се истакне придонесот и културното влијание на македонските Американци.

„Септември има значење за македонските Американци како што се наближува годишнината од Денот на независноста на Република Македонија, симболизирајќи го патот на државата кон суверенитет и нејзините трајни врски со македонско-американската заедница“,
се наведува во известувањето.
Во прокламацијата од гувернерката Витмер пишува дека македонските имигранти почнале да доаѓаат во САД од пред повеќе од еден век, а денес има над половина милион Американци со македонско потекло во државата.
„Американците со македонско потекло придонесуваат за американската култура преку бизнис, спорт, уметност, политика, медицина, право, култура, кулинарски вештини и бројни други области“пишува во известувањето.
За министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, ова претставува потврда за искреното и посветено пријателство на САД.
„Голема гордост и признание е да се слуша за нашите Македонци во Америка кои се етаблирани и прифатени како заедница којашто е енергична и вградена во американскиот мозаик, заедница која учествува во сите сфери на животот, во културата, бизнисот, медицината, правото, технологијата, граѓанскиот сектор, владата, војската, образованието, новинарството, уметноста, кулинарството, спортот и во други области” наведува Костадиновска-Стојчевска






