Ковачевски: Нема да има пардон за никого, по 20 години се расчистува криминал на Онкологија

„Овде се работи за мултипартиски, мултуетнички криминал којшто мора да се расчисти”, порача премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата, Ковачевски рече дека ги разбира загриженоста и бесот на граѓаните и оцени дека „правото на протест во вакви случаи е и добредојдено, затоа што врши дополнителен притисок врз институциите побрзо да ја завршат својата работа”. Но премиерот повика „случајот да не се политизира”.
„Очекувам да се спроведе професионална, брза истрага, којашто ќе идентификува поединци кои се огрешиле пред закон и пред етички и морални принципи на докторската фела. Исто така повикувам да не се прави сензационализам и да не се обвинува целата докторска фела за нешто што го направиле поединци, бидејќи нашето здравство има професионални и прекрасни доктори кои се грижат за нашето здравје”, рече премиерот Ковачевски.
„Политизирањето на случајот ќе значи само на некој начин прикривање на некого. И затоа повикувам да не се политизира. И институциите најпрофесионално да го завршат она што е започнато”, додаде премиерот Ковачевски.
Новите раководства на Министерството за здравство и на Клиниката за онкологија, премиерот посочи дека комплетно соработуваат со истрагата, а во однос на прашањата за можни притисоци, премиерот Ковачевски категорично одговори дека „нема да се дозволи никаков притисок, ниту политички, ниту етнички” при расчистувањето на случувањата на Клиниката.






