Русија со ракети и дронови ги нападна силосите за жито во Одеса
Русија рано утринава изврши комбиниран напад со беспилотни летала и ракети врз Украина, насочени главно кон јужните делови на регионот Одеса и погоди земјоделски објект таму, објавија украинските воздухопловни сили на апликацијата Телеграм.
„Русија лансираше шест беспилотни летала ‘шахед’ од иранско производство и 10 крстосувачки ракети, а украинските сили уништија шест беспилотни летала и шест проектили пред да ја погодат целта“,
соопшти украинското воздухопловство.
Во одбивањето на воздушниот напад учествуваа борбени авиони, противвоздушни ракетни единици, мобилни вооружени групи и други средства, соопштија од воздухопловните сили. Гувернерот на Одеса, Олех Кипер, на Телеграм изјави дека силос за жито и земјоделски полиња се оштетени во областа Березевски во источниот дел на регионот. За среќа нема жртви, изјави Кипер.
Целата територија на Украина неколку часа беше под готовност за воздушен напад. Украина минатиот месец објави „хуманитарен коридор“ во Црното Море за да ги ослободи бродовите заробени во нејзините пристаништа од почетокот на војната во февруари 2022 година и да ја заобиколи де факто блокадата откако Русија го отфрли договорот да му дозволи на Киев да извезува жито.
Ситуацијата во Одеса и нејзините пристаништа внимателно беше следена на пазарите за жито, бидејќи Киев вчера објави дека два товарни брода пристигнале таму за да го користат привремениот коридор за да пловат до пристаништата на Црното Море и да товарат жито за африканските и азиските пазари.