(ВИДЕО) Мециновиќ: Мицкоски го присвои државниот буџет – Левица најавува 80 амандмани за распределба на јавните пари во интерес на граѓаните
Мециновиќ потенцираше дека власта на ДПМНЕ досега не прифатила ниту еден опозициски амандман, со што државниот буџет практично го претворила во ексклузивен инструмент на сопственото владеење.
Дополнителни 500 милиони денари за семејствата со деца, особено за семејствата со ниски приходи и самохраните родители, 50% зголемување на надоместоците за глувите и слепите лица и за помош и нега од друго лице, нов дом за стари лица и 1.000 станбени единици за асистирано живеење се дел од социјалните приоритети.
Во пакетот се предвидуваат и поддршка за малите и средните претпријатија, модернизација на индустријата, инвестиции во земјоделството и осум милиони евра за преработка на вишокот винско грозје во Кавадарци.
За студентите се предлагаат зголемен студентски оброк, субвенциониран меѓуградски превоз и дополнителни 300 милиони денари за стипендии.
Амандманите опфаќаат и лесна железница низ Скопје, гасификација на ТЕЦ Неготино, противпожарни возила, засилени инспекциски контроли врз загадувачите, санација на колекторскиот систем Охрид–Струга, нови вработувања во обвинителствата, задолжителен GPS-систем за службените возила, како и вложувања во културата и спортот.
Посебен акцент Мециновиќ стави на алармантната состојба со семејното и родово базираното насилство, за кое Левица поднесува седум посебни амандмани во вкупна вредност од 651 милион денари.
Левица предлага средства за нови шелтер-центри, центри за третман на жртви на сексуално насилство, специјализирани советувалишта, кадровско зајакнување на центрите за социјална работа, заеднички оперативни тимови на полицијата и социјалните служби, бесплатна здравствена заштита на жртвите и единствен електронски систем за следење на случаите.
Мециновиќ предупреди дека жртвите на насилство не смеат да бидат оставени сами да талкаат од институција до институција додека опасноста продолжува, ниту жената која го напушта насилниот дом да остане без покрив над главата.
„Државата мора да обезбеди безбедно сместување и услови за започнување нов живот“, порача тој, нагласувајќи дека институционалната заштита не може да се гради со соопштенија и апели, туку со финансиски средства, стручен кадар, функционални центри и координирано постапување.
Според Мециновиќ, состојбата со семејното и родово базираното насилство веќе ги надминала сите граници на нормалното, а државата мора конечно да ја преземе одговорноста за заштита на жртвите.






