ССМ бара да се обезбеди покачување од 10 отсто: Со селективното покачување, државата е за едни е мајка, а за други маќеа!
ССМ апелира до пратениците што побргу и „без политичка битка“ да го изгласаат ребалансот на буџетот со што ќе се прераспределат финансии за да се обезбеди покачувањето од 10 отсто за вработените во јавниот сектор со септемвриската плата.
Синдикатот на УПОЗ денеска испратил во Собранието амандман на предложениот ребаланс со барање за сите корисници на буџетот платите да бидат повисоки од најмалку 30, а најмногу 78 проценти т.е. колку што им се зголемени на функционерите.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов на прес-конференција ги повика министрите, градоначалниците и директорите на институции да го применат ОКД за јавен сектор со оглед на тоа што до Синдикатот стигнале пријави од вработени дека нивните раководители не преземаат никакви активности во врска со одредбата за зголемување на платите од дополнителните 10 проценти.
-Да изготват решение за секој вработен во јавниот сектор со кој ќе го утврдат ова право и на таков начин ќе го исплатат или, пак, да склучат колективни договори на ниво на работодавачи, нешто што правиме во изминатиот период како синдикати здружени во ССМ – рече Трендафилов.
Соопшти и дека пратениците не одговориле на иницијативата на ССМ, поднесена пред повеќе од еден месец, за намалување на нивните и платите на судиите и именуваните функционери кои беа зголемени за 78 проценти.
Со иницијативата се бара измена на Законот за плати на избрани и именувани функционери односно примена на ОКД со кој и функционерите и вработените ќе имаат ист начин на пресметка на плата, почнувајќи од март 2025 година.
-Глуви се, немаат храброст да не исконтактираат ниту да не прашаат за причината за поднесената иницијатива. ССМ ја поднесе затоа што и додека преговараше за ОКД го кажувавме тоа што го кажуваме и денес – вработените нема да бидат задоволни со зголемувањето од 10 проценти на нивните плати ако функционерите незаслужено, без никаква зголемена продуктивност откако си ги зголемија платите, ги уживаат придобивките од срамната одлука на Уставниот суд… Со вакво селективно покачување, државата е за едни е мајка, а за други маќеа, рече Трендафилов