Андонов: Владата низ транспарентна постапка го избра приватниот инвеститор за Чебрен
Во рамки на гостувањето во дебатната емисија ВИН ВИН, соработникот за енергетика во Канцеларијата на претседателот на Владата, Виктор Андонов презентираше информации поврзани со реализацијата на хидроелектричната централа Чебрен, чијашто изградба се планира и се чека цели шест децении.
„Овој проект е постар од шест децении како идеја и како концепт кој се заснова на максимално искористување на водните ресурси на реката Црна, која е најголема притока на реката Вардар. Изборот на техничкото решение, пред сè висината на браната е определена врз основа на илјадници страни на детални технички истражувања, детални геолошки истражувања изработени уште во времето на Југославија од реномирани домашни и странски консултанти. Конкретната висина на Чебрен е утврдена во Водостопанската основа на Македонија, изгласана уште во 1978 година од тогашното Собрание.
Владата низ транспарентна постапка го избра приватниот инвеститор, конзорциумот ППЦ и Архиродрон од Грција, кој имаат обврска на свој трошок да го изградат Чебрен, и да го управуваат преку заедничката компанија со АД ЕСМ, во која АД ЕСМ ќе има учество од 33%”, рече Андонов.
Во однос на вкупната вредност на целата инвестиција, информација којашто предизвика интерес во јавноста, тој рече дека цените со кои се лицитира во јавноста се стари и се провлекуваат во различни документи, меѓутоа заради инфлаторните движења на цените во изминатите две децении на светско ниво, цените на материјалите беа во континуиран пораст, посебно во текот на 2022 година.
Андонов додаде дека според пресметки направени согласно податоци објавени од Меѓународната агенција за обновливи извори по референтни цени за 2022 година, цената на чинење за изградба на хидроелектрана за 1 киловат час електрична енергија изнесува 2.881 долар и кога ќе се пресмета вкупната моќност на електрична енергија што ќе ја произведува Чебрен и Орлов камен, се доаѓа до бројката од околу една милијарда евра.