Абазовиќ: Меѓународната политика не беше ефикасна во регионот, а секоја активност на Рама е во насока за мир во регионот
Премиерот на Црна Гора, Дритан Абазовиќ, кој присуствуваше на состанокот на министри за надворешни работи во рамките на Берлинскиот процес, во Тирана, во врска со ситуацијата на северот на Косово, во изјава за медиумите оцени дека „меѓународната политика не била многу ефикасна во регионот“ и оти го „чека крајот на истрагите за да заземе став“.
-Нашата влада и нашата држава создадоа модел каде различни националности живеат во хармонија. Мислам дека истрагата што ќе се спроведе ќе ја покаже вистината, тоа што се случи е неприфатливо. Црна Гора го поддржува она што го кажаа ЕУ и НАТО. Кој го создал тој вид конфликт треба да одговара. Српските власти да истражат. Тоа го очекувам од меѓународните, косовските власти, но и од Србија. Меѓународните претставници не треба да ги мијат рацете. Од Косово имаше предупредувања дека таму има многу криминалци, рече тој, јави Топ чанел.
Според Абазовиќ, дури и меѓународните претставници мора да заземат свој став, а борбата против криминалците на Балканот ќе донесе просперитет.
Во врска со изјавата на Рама за присуството на КФОР на северот на Косово, тој рече дека секој напор на премиерот е во насока да има мир во регионот.
-Неговите заложби и секоја негова голема меѓународна активност за Западен Балкан одат во насока ние како регион да имаме мир и да се движиме кон напредок. Јас не припаѓам на тие политичари кои ќе почнат критички акции против Рама, бидејќи сум убеден дека секоја негова постапка оди во една насока, да има мир во регионот, рече Абазовиќ.