Делегација на романската Амбасада во посета на АЛКАЛОИД

Делегација на романската Амбасада во Скопје, предводена од Aмбасадорката Н.Е. Адела Моника Аксинте, оствари работна посета на АЛКАЛОИД АД Скопје.

Во своето воведно обраќање од официјалниот дел на средбата, Генералниот директор и Претседател на УО, г. Живко Мукаетов, ги претстави компанијата, нејзината основна дејност, производствените капацитети и програма, постигнатите резултати од работењето, како и континуираните вложувања низ годините, осврнувајќи се и на големиот број проекти во делот на општествената одговорност.

Истакнувајќи ја главната стратешка определба на компанијата – глобализација на брендот АЛКАЛОИД – во рамките на средбата посебно беше нагласена важноста на извозните пласмани и на стабилната пазарна позиција. Ставајќи акцент врз извозот во Европската Унија, каде што компанијата пласира 21 % од своето производство, Мукаетов ја истакна стратешката важност на романскиот пазар како еден од најбрзорастечките пазари на АЛКАЛОИД, каде што, по неколкугодишно присуство, во 2022 година компанијата регистрираше сопствено друштво во Букурешт.

 

Во делот на остварените резултати на пазарот во Романија, консолидираните продажби од над 8,5 милиони евра, реализирани во првите три квартали од 2023 година, бележат раст од 63 % во споредба со истиот период лани. Компанијата е присутна со палетата на фармацевтски производи и на производи за хемодијализа. Водечки производ на АЛКАЛОИД на романскиот пазар е цефалоспоринскиот антибиотик „Панцеф“ (Цефиксим), кој во Романија има трговско име Xifia и кој е меѓу петте најпродавани водечки антибиотски брендови на тамошниот пазар. АЛКАЛОИД има долгогодишна и успешна стратешка соработка со романски компании, меѓу кои Terapia S.A. (дел од индиската Sun Pharma), како и MagnaPharm.

Членовите на делегацијата, предводени од амбасадорката Аксинте, при обиколката на производствените капацитети од сегментот фармација, имаа можност непосредно да се запознаат со високото ниво на подготвеност и на стручност на човечкиот кадар кој управува со процесите, како и со најсовремената опрема и со модерните услови за работа на Институтот за истражување и развој на АЛКАЛОИД.

Back to top button
Close