Мицкоски: Разбирам дека кукавичлукот е карактер, но власта нека излезе и нека одбере датум за избори меѓу двата празника
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ кажа оти неговата партија нема да ги иницира состаноците на работната група која треба да ги договори официјалните датуми за изборите бидејќи, како што вели, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе биде нападната зошто таа е иницијатор на состаноците, а не претседателот на Собранието, Талат Џафери
Да се биде кукавица е карактер и јас тоа го разбирам. Не треба да се срамат од тоа бидејќи има плашливи луѓе и тоа не може да се смени на 47-48 години, но нека седнат и нека договорат кога ќе се состанат работните групи кои ќе зборуваат за изборите бидејќи тие се клучни процеси за иднината на Македонија.
Ова денеска го изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, уште еднаш повикувајќи го премиерот Димитар Ковачевски да излезе со конкретен датум за претстојните претседателски и парламентарни избори.
Мицкоски кажа оти ВМРО-ДПМНЕ нема да ги иницира состаноците на работната група која треба да ги договори официјалните датуми за изборите бидејќи, како што вели, тогаш партијата ќе биде нападната зошто таа е иницијатор на состаноците, а не претседателот на Собранието, Талат Џафери.
„Затоа рековме, нека седнат и нека се договорат. Јас имам информација дека денеска Ковачевски, Ахмети и Груби ќе имаат работен ручек, нека седнат нека се договорат и нека кажат – тој ден, во толку часот, работните групи ќе се состанат и ќе зборуваат за иднината бидејќи овие два процеса се клучни за иднината на Македонија. ВМРО-ДПМНЕ нема проблем од кого ќе биде испратена официјалната покана за состаноците – дали од Груби, Ахмети или Ковачевски. Само нека дојде поканата, нека кажат ден, ВМРО-ДПМНЕ ќе присуствува на тие состаноци“изјави Мицкоски на денешната прес-конференција.
Лидерот на опозициската партија повторно го повика премиерот да одбере датум околу големите празници Рамазан Бајрам и Велигден на кој ќе се одржат заеднички избори – претседателски и парламентарни.
„Успеаја во тоа дека изборите нема да бидат предвременини и секоја чест за тоа – како што кажаа така и ќе биде. Но Ковачевски нека одлучи, нека го ослободи општеството, нека се консултира, еве денеска има ручек со Ахмети и Груби нека се консултира, ако треба од нив да добие зелено светло нека го бара, како тие ќе одлучат ние така ќе се адаптираме. Да го договориме датумот и да ги ослободиме граѓаните од дополнителен притисок“додаде Мицкоски.
Претходно денеска, собранискиот спикер Талат Џафери на брифинг со новинарите порача партиите до Нова година да се договорат околу датумот на претседателските избори со цел да се запазат уставните рокови. Парламентарните избори, рече Џафери, се друга приказна и за нив има други рокови.
Што се однесува до формирањето работни групи за изборите, Џафери посочи дека им кажал на координаторите на пратеничките групи да размислат за изборниот процес и за сите обврски кои произлегуваат од него.