Министерски форум: Зајакнување на соработка на ЕУ и ЗБ најефикасен одговор за справување со современите безбедносни предизвици


Зајакнување на соработката за управување со миграцијата, борбата против трговијата со дрога и борбата против тероризмот беа дискутирани на сесијата за внатрешни работи на првиот ден од Министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан.

На прес-конференција по завршувањето на сесијата говореа министерот за внатрешни работи на Кралството Шпанија, Фернандо Гранде-Марласка Гомез, кој го претставува Претседателството на Советот на ЕУ, еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во име на домаќинот – Република Северна Македонија.

Шпанскиот министер за внатрешни работи Гомез оцени дека првиот ден на Форумот генерираше продуктивна и богата дебата на теми кои бараат заеднички, координиран и одлучен одговор.

-Овој нов состанок ја потврдува силата на оваа бирегионално пријателство кое ќе има и новo достигнување со самитот на претседатели и премиери, кој ќе се одржи во декември. Денес, никој не се сомнева во недвосмислената европска вокација на Западен Балкан, проект кој е еден од приоритетите на Шпанското претседателство на Советот и за кое посветено работиме да го консолидираме и да го засилиме, истакна шпанскиот министер Гомез.

Во однос на темите кои денеска беа дискутирани на Форумот, Гомез ја издвои борбата против тероризмот како врвен приоритет во моментов.

-Ние споделуваме многу јасна цел, борбата против тероризмот, што е наш врвен приоритет во моментот, како што се сложивме денес на самитот. Исто така, се согласивме дека најефективен одговор е оној базиран на соработка и кооперација. Начинот кој треба да го следиме е оперативна полициска соработка, која веќе има една важна алатка – Заедничкиот акциски план против тероризам за Западен Балкан, рече Гомез.

Во делот за спречување на недозволената трговија со дрога, тој го посочи фактот дека меѓусебната соработка е поактивна и поефективна од било кога досега, помеѓу Европол, земјите членки на ЕУ и партнерите од Западен Балкан.

Еврокомесарката за внатрешни работи Јохансон посочи дека во текот на денот со партнерите во регионот се осврнале на теми за натамошно продлабочување на соработката на ЕУ со Западен Балкан во делот на безбедноста и миграцијата. Таа посочи дека во текот на вчерашниот ден имаше многу добар практичен пример за тоа во Северна Македонија, со отворањето нов Оддел за форензички испитувања, за кој ЕУ придонесе со 3,6 милиони евра, а кој ќе придонесе да се подобрат капацитетите на полицијата во делот на истрагата, како и можностите за идна координација.

-Партнерите од Западен Балкан се дел од европското семејство. ЕУ ќе продолжи да го поддржува Западен Балкан на нивниот пат кон пристапување во ЕУ. Континуираните реформи во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата се фундаментални. Денеска имавме многу добра дискусија за зајакнување на нашата соработка за управување со миграцијата, борбата против трговијата со дрога и борбата против тероризмот, порача Јохансон и се заблагодари на министерот Спасовски и Северна Македонија за домаќинството како и до шпанското претседателство со ЕУ.

Во однос на справување со илегалната миграција, таа подвлече дека заедничките напори даваат позитивни резултати што се виде со намалување на миграторниот притисок по балканските рути кон ЕУ потврден во Извештајот на ЕК од декември, лани. При тоа нагласи дека партнерите од Западен Балкан продолжуваат да напредуваат кон усогласување со визниот режим што е важно за соочување со потенцијалните злоупотреби на визната либерализација. Северна Македонија, рече Јохансон, е пример што треба да се следи во оваа сфера. Подвлече и дека Северна Македонија беше и првата земја од регионот која потпиша договор за соработка со ФРОНТЕКС – Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража.

Министерот Спасовски изрази задоволство што Република Северна Македонија, за само неколку години, денеска повторно ги отвори вратите како домаќин на овој исклучително значаен Министерски форум, на кој се разменија мислења што ќе придонесат кон зајакнување на соработката и зацврстување на заедничките политики.

-Зборот заедништво се провлекуваше низ сите дискусии, што е уште еден показател дека не случајно сме собрани овде сите заедно – затоа што креирањето на заедничките политики е само предуслов за заедничко функционирање во рамки на ЕУ. Вратата е отворена, а ние решително чекориме напред, рече Спасовски.

Осврнувајќи се на последната тематска целина од првиот ден на Форумот, поврзана со управувањето со миграцијата, Спасовски потсети дека на истиот ден пред една година, со еврокомесарката Јохансон го потпишаа Договорот помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативни активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража – ФРОНТЕКС.

-Операционализацијата на овој договор и отпочнувањето на Заедничката операција на ФРОНТЕКС во април годинава, како рамноправни партнери, која по сите параметри дава исклучително високи оперативни резултати, покажува дека единствено со заеднички, координиран пристап можеме успешно да се справиме со глобалните предизвици, порача Спасовски.

Тој се осврна и на сесијата посветена на спротивставување на влијанието на дрогата врз општествата, на која заеднички беше поздравена зајакнатата полициска соработка во последните години, која овозможи заедничко разбивање на голем број организирани криминални групи вклучени во трговија со дрога низ Европа и пошироко, и зголемување на заплените на наркотици. Тој информираше за постигнувањата на земјата меѓу кои и за пресечените три меѓународни транспорти на марихуана и сузбиени пет криминални групи кои дејствувале меѓународно.

Утрешната сесија од Форумот е посветена на областа Правда, на која ќе земат учество еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс и министрите за правда на Кралството Шпанија и на Република Северна Македонија, Мариа Пилар Лоп Куенка и Кренар Лога.

 

Back to top button
Close