Стано: Израел мора да ги заштити Палестинците на Западниот Брег од нападите на еврејските доселеници 

Израел има должност и законска обврска да ги заштити цивилите на Западниот Брег од насилството на еврејските доселеници и да побара одговорност од сторителите на нападите, порача портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.

Според Стано, растот на тероризмот извршен од страна на еврејските доселеници на Западниот Брег доведе до многу голем број цивилни жртви, поради што припадници на палестинската заедници да бидат принудени да ги напуштат своите домови.

 

– Ситуацијата може да излезе од контрола и предизвикува неописливо страдање на локалните заедници. Потребни се итни мерки. Израел има должност да ги заштити цивилите на Западниот Брег од насилството на доселениците-екстремисти, да бара одговорност од сторителите и да се погрижи да интервенираат Израелските одбранбени сили. Тоа е законска обврска што мора да се исполни, додаде Стано.

 

Според него, овие случувања на Западниот Брег само дополнително ја влошуваат и онака трагичната ситуација во Газа, зголемувајќи го ризикот од опасна ескалација на конфликтот, што мора да се избегне по секоја цена.

 

Инаку, случувањата на Блискиот Исток претходните два дена беа тема на разговори на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел со министрите за надворешни работи на Саудиска Арабија, принцот Фајсал бин Фархан Ал Сауд, на Јордан, Ајман Сафади и на Египет, Самех Шукри и генералниот секретар на Организацијата за исламска соработка (ОИЦ), Хисеин Брахим Таха.

 

Како што соопшти Европската служба за надворешни работи, Борел ги информирал своите соговорници за ставовите усогласени на минатонеделниот Самит на ЕУ, нагласувајќи ја итноста од обезбедување на хуманитарен пристап до жителите на Газа и од прогласување на хуманитарни паузи за да се овозможи основните залихи да стигнат до оние на кои им се потребна, како и потребата од избегнување на регионално прелевање на конфликтот.

 

Борел ја потенцирал и важноста да се обезбеди заштита на сите цивили во секое време, во согласност со Меѓународното хуманитарно право и го повторил повикот на Европскиот совет до Хамас веднаш да ги ослободи сите заложници без никакви предуслови.

 

– Беше разгледана и ситуацијата на Западниот Брег. Високиот претставник Борел изрази голема загриженост поради нападите на израелските доселеници врз Палестинците, што тој отсто ги осуди, се додава во соопштението.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Борел со соговорниците се осврнал и на итната потреба од обнова на мировниот процес на Блискиот Исток, како и за постигнување трајно одржливо решение на израелско-палестинскиот конфликт врз основа на моделот на две држави, со цел да се спречи одново повторување на вакви трагедии.

Високиот претставник на ЕУ телефонски разговарал и со комесарот на Агенцијата на Обединетите нации за помош и поддршка на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА), Филип Лазарини, при што ја изразил својата загриженост поради „страшната хуманитарна ситуација и недостигот на пристап до основните производи за стотици илјади цивили во Газа“.

 

Борел на нагласил потребата од зголемување на меѓународната поддршка за цивилното население за Газа, изрази сочувство за загинатиот припадник на УНРВА и им оддаде почит на сите службеници на ОН кои го ризикува својот живот во конфликтните области.

– ЕУ е и ќе остане активно ангажирана со сите свои партнери со цел да се постигне праведен и траен мир меѓу Израел, Палестина и во регионот, се додава во соопштението на ЕЕАС.

Back to top button
Close