ЈСП – Никој не е избркан им ги прекинавме договорите на тие што преку партија биле на список а не работеле

Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ расчистува со партиските вработувања и превработеноста која создаваше сериозен товар на месечно ниво на буџетот на ова јавно претпријатие, објави денеска ова градско јавно претпријатие.

-Со години различни градски администрации на претпријатието се однесувале кон ЈСП како кон приватен бизнис од кој на секој можен начин се обидувале да извлечат лична корист со цел полнење на своите џебови на грбот на скопјани. Претходните администрации во претпријатието тоа го правеле преку наместени тендери, криминал и корупција и партиските вработувања кои станаа рак рана на македонското општество. Претходните администрации поради ваквото работење создадоа во ЈСП структурни проблеми за кои ќе бидат потребни години за да се решат, се наведува во соопштението.

До објавата доаѓа откако во медиумите се појавија информациите дека на триесетина привремено вработени во ЈСП „Скопје“ од денеска им се прекинати договорите за работа, без најава и без образложение за ваквата состојба. Станува збор за луѓе ангажирани за различни работни задачи, кои во претпријатието работеле неколку години. Овој пат со отказите не се засегнати возачите на автобусите, кои и онака се дефицитарен кадар и неопходни за нормалното функционирање на јавниот превоз.

Раководството на ЈСП наведува дека никој не е избркан.

-Никој во ЈСП не е избркан од работа туку едноставно на лица кои преку партија биле ставени на платен список во претпријатието со договор на дело им се истечени договорите за работа. Раководството на Јавното сообраќајно претпријатие работи професионално и ја запре лошата пракса на партиски вработувања кои беа сериозно оптоварување за буџетот на претпријатието. Со постоечкиот кадар кој е вработен на неопределно време ЈСП го исполнува оптималниот кадровски капацитет за пружање на граѓаните кои користат јавен превоз редовна, безбедна и сигурна услуга, се наведува во соопштението.

Back to top button
Close