ГРЕЈАЧИ НА СЕДИШТА
Навистина е неверојатно како во име на ЕУ се озаконува и корупцијата и неказнивоста за корупција. Прво, под европско знаменце СДСМ и ДУИ го изгласаа, а ВМРО-ДПМНЕ си го одмолче Кривичниот законик со кој на политичарите побрзо им застаруваат случаите во кои се обвинети за корупција. Најновото европско знаменце, овој пат здружено и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ заедно со неизбежната ДУИ, го закачија и на законот за рекламирање на државни кампањи во телевизиите.
Ова нема врска ни со медиуми, ни со новинарство, а најмалку со отчетност и транспарентност со кои власта ја правда потребата од враќањето на законот, со кој Никола Груевски за седум години потроши 38 милиони евра државни пари за да ги поткупи телевизиите.
Кога му ставија европско знаменце и изгласаа потреба за донесување закон за поткуп на телевизиите, ми текна на секвенцата од прислушуваните разговори што ги објавуваше Зоран Заев. Мартин Протоѓер, првиот човек до Никола Груевски и шеф на идеолошката контрола, му се јавува на газдата на Канал 5 Емил Стојменов и му вика некоја емисија што не им се допаѓа да ја пуштат со пречки во сигналот, а газдава уште порадикален му одговара: „Дури мислев и струјава да ја исклучам во телевизијава, нек си ибе мајката“. Па Мартин, уште и умерен, му сугерира: „Не бе не, нека се пушти со пречки, со лош тон, луѓево да не можат да гледаат и ќе сменат кога ќе видат“.
Се сврте кругот. Тогаш од СДСМ плачеа дека им ја исклучуваат струјата и им прават пречки во програмата. Ветија дека ќе нема државни кампањи по телевизиите и – едно време немаше. Сега се вратија на старо. Двете партии што не можат да се договорат за ништо, се договорија како да ги поткупуваат медиумите кога се на власт. Со наши пари да си ја купат љубовта кај тие што здушно до 2017 учествуваа во злосторствата на вмровската власт, примаа пари од буџетот да водат хајки против неистомислениците, повикуваа со кајрони на мобилизација за одбрана на Груевски и бандата, криеја настани кои власта не сакаше да се објават, лепеа клинци на лицата на политичките противници, се закануваа со надгробни плочи…
Власта на СДСМ сега го прави баш тоа против што ветуваше дека ќе се бори и тоа ветување ја донесе на власт. Откако ги ослободија тие што незаконски нѐ прислушуваа, откако им се придружија во крадењето на тие што нѐ крадеа, откако им ги простија крадењето на избори и зулумите што ги правеа со народни пари, откако продолжија со безмилосна распродажба на државното земјиште за ич пари и урбаното дивеење по принципот „не може да биде – не, мора да биде – да“, им остана уште со европско знаеменце да го легализираат и поткупот на медиумите и загрозување на демократијата.
СДСМ и ДУИ наместо да го спречат, само го финализираа проектот на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за претворање на државниот поредок во криминален поредок.
Додека ЕУ и САД ги гледаат што прават и им викаат „супер сте, само уште Бугарите во Уставот да ги ставите“ , а нас нѐ замајуваат со успешните скрининзи на поглавја и кластери, смешни се заканите „ќе видите вие кога ќе се врати ВМРО“.
Па ние сме живееле во заблуда дека ВМРО-ДПМНЕ не е на власт. Нивниот начин на владеење никогаш не исчезнал. СДСМ овие шест години само им ги греел столчињата. Како седиштата со грејачи на луксузните коли кои Бујар Османи ги договорил за Самитот на ОБСЕ, за чие изнајмување ќе платиме три пати поскапо од редовната цена.
Целата колумна на Горан Михајловски на СДК МК






