Соборени три дрона во близина на американска воена база во северен Ирак

Одбранбениот систем на меѓународна воена база денеска собори три беспилотни летала во близина на аеродромот во Ербил, во северен Ирак, каде се стационирани американските сили и другите меѓународни сили, соопшти ирачката служба за борба против тероризмот.
Нема жртви или оштетувања на инфраструктурата, изјави претставник на американското Министерство за одбрана.
Засега не е познато кој е одговорен за нападите, последен во серијата напади врз американските војници во Ирак и Сирија додека се зголемуваат тензиите на Блискиот Исток поради војната на Израел со Хамас, пренесуваат британските медиуми.
Ирачкиот премиер Мохамед ал-Судани вети дека ќе ги гони одговорните за неодамнешните напади врз трите воени бази во Ирак, каде се стационирани меѓународните сили. Трите воени инсталации се базата Аин ал-Асад во западен Ирак, воената база во близина на меѓународниот аеродром во Багдад и базата Харир во Ербил.





