NEWS 24- Познат бизнисмен требало да биде убиен од криминалци од Скопје и Куманово

Нови детали излегуваат на виделина за големата меѓународна операција во која е разбиена криминална мрежа составена од лица од Македонија, осомничени дека биле ангажирани за ликвидација на израелски државјанин на територијата на Грција.
Грчките власти веќе имале информации за можен напад врз него, поради што лицето било под полициска заштита.
Шестмина од Скопје и Куманово биле ангажирани за ликвидацијата
Според досегашните сознанија, зад организирањето на криминалната операција стоел иранскиот државјанин Едрис Јахангири Маване, за кого постојат сомневања дека соработува со безбедносните и разузнавачките структури на Техеран.
Во реализацијата на планот, според истражните информации, му помагал неговиот сонародник Наџи Шарифи Зиндасти, кој е баран од американското ФБИ поради случај поврзан со планирани убиства на две лица во американската сојузна држава Мериленд, како и активности насочени против ирански дисиденти
Осомничените биле од Скопје и Куманово, а сите имале криминално минато поврзано со организиран криминал.
Нивната задача, според истрагата, била да отпатуваат во Грција, да се приближат до целта и да го извршат договореното убиство.
Се среќавале со организаторот во Иран и други држави
Според грчкиот медиум, тие оствариле средби со Маване во Иран, но и во други држави, што укажува на меѓународниот карактер на планираната операција.
Еден осомничен бил уапсен во Грција, друг се обидел да влезе преку Турција
Според објавените детали, дел од осомничените веќе презеле конкретни чекори за влез во Грција.
Еден од нив бил лоциран и уапсен на грчка територија, по што бил предаден на македонските власти.
Друг осомничен се обидел да влезе во Грција од Турција, преку подрачјето на Александруполис, но грчките власти не му дозволиле влез, по што се вратил во Турција.
Шестиот осомничен сè уште се бара, а постојат проценки дека ја напуштил Македонија.
Пронајдено оружје, муниција и скици од важни локации
Во полициската операција во Македонија учествувале и припадници на специјалната антитерористичка единица „Тигар“.
Во рамките на истрагата биле пронајдени и одземени оружје, муниција, мобилни телефони, компјутери, УСБ-уреди, бележници со контакти и скици на значајни локации.
Според објавените информации, четворица осомничени се во притвор, додека петтиот се наоѓа во куќен притвор.
Атентатот бил спречен со меѓународна соработка
Планираното убиство било спречено благодарение на соработката меѓу македонските безбедносни служби и грчката Национална разузнавачка служба (ЕИП).
Случајот се третира како особено сериозна безбедносна закана со можни терористички елементи.
Истрагата продолжува, а надлежните служби се обидуваат целосно да ја расветлат улогата на сите осомничени, нивните меѓународни контакти и начинот на кој била организирана операцијата за ликвидација на израелскиот државјанин.






