Руската инвазија врз Украина е незаконска а политиката на нашиот сојуз е неодговорна
Денко Малески
Кога, во преговорите меѓу Вашингтон и Москва, Американците го прифатија ставот на Русија дека е потребна нова европска безбедносна архитектура, веројатно не биле свесни дека се согласуваат да отворат тема за која ќе се преговара со години. И тоа не само со непријателите туку и со пријателите. Имено, комесарката за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Калас побрза да каже дека таква дебата не е потребна затоа што „ние си ја имаме Унијата и НАТО“. Но, зборот за нова европска безбедносна структура падна и дебата почна. Кушнер и Витков, емисариите на Трамп, после не баш успешните преговори во Абу Даби, побрзаа да побараат средба со претседателот Путин веќе наредниот ден. Путин, за прв пат ги вклучи камерите и ги седна американските соговорници на маса на која немаше ниту вода. Шокантната вест која проструи после средбата беше дека, во контекстот на новата безбедносна структура,Путин го повторил барањето од декември 2021 – повлекување на НАТО на границите од пред 1999. Една важна нијанса е што во тоа барање Русија не инсистираше тогаш, а можно е и сега, на одземање на статусот членки на НАТО туку повлекувањето на оружјето на Алијансата распоредено по 1997.

Заднината на ова барање на Москва е сеќвањето на дадениот збор на американскиот државен секретар Џејмс Бејкер на Михаил Горбачов во 1992, дека ако Русија се согласи на обединување на Германија, „НАТО нема да се помести ни еден инч кон Исток“. Но, во 1999,во времето на администрацијата на Бил Клинтон , НАТО се прошири со Полска Унгарија и Чешка, а потоа следеа другите бранови на проширување наспроти протестите од Русија која испадна од рангот на големи сили и немаше моќ да се спротистави.Тоа беше таканаречениот униполарен момент на светската историја кога со светот, како никогаш порано во историјата, доминираше само една голема сила – Америка. Денес, безмалку сите признаваат дека сме во една друга ера – ера на мултиполарност. Признаваат но тешко им е да се соочат со реалноста и жалат по минатото. Зашто, додека мултиполарноста лесно се испишува во анализите на оние кои се занимаваат со меѓународната политика, праксата покажува дека се работи за течка и неретко крвава битка за моќ. Русија да не дозволи натамошно ширење на НАТО во Украина и да изнуди почитување на нејзините безбедносни грижи, Западот на чело со Америка да ја задржат привилегираната позиција од претходната ера.Но, статус квото веќе е изменето и нема назад кон униполарност
Кога, на почетокот од деведесеттите, се распадна Советскиот сојуз и руските војски се повлекоа назад во своите граници, вакуумот кој што се создаде во Европа беше пополнет со американската моќ и западните вредности. Сега е во тек еден обратен процес на кој укажа своевремено Хенри Кисинџер. Имено дека кога ќе застане на нозе, Русија, следејќи ги своите интереси, безбедносни и економски, ќе почне да ја проектира својата моќ надвор од своите граници.Денес Русија бара да се создаде „чист“ простор помеѓу неа и НАТО, како вид безбедносна тампон зона.
Во средина како македонската чии политичари и интелектуалци не знаат да прават разликата меѓу правото и политиката во меѓународните односи, вреди да се слушне ставот на Ричард Фалк истакнат американски професор по меѓународно право но и познавач на меѓународната политика, за настаните во Украина. На прашањето дали Русија имала легитимни безбедносни грижи со проширувањето на НАТО во Украина и дали тие грижи и даваат право на воена интервенција тој вели дека,од чисто правен аспект, безбедносната загриженост не создава право на воена интервенција на една држава врз друга. Значи, заклучува Фалк, инвазијата на Путин на Украина е незаконска. Но, тој ја продолжува анализата и во својство на истражувач на меѓународната политика. Во текстот „Make Peace Not War in Ukraine“Фалк пишува дека проширувањето на НАТО по Студената војна е неодговорна политика во геополитичка смисла на зборот; дека Западот ги игнорирал безбедносните грижи на Русија; упатува на предупредувањата на Џорџ Кенан и Џек Матлок кои одлуката за проширување на НАТО ја сметаат за „најфаталната грешка на американската политика во сета постстуденовоена ера“; дека во нуклеарната ера, опасно е да се тера само војната а да се запостави дипломатијата…
Заклучок: Руската инвазија врз Украина е незаконска, а политиката на напиот сојуз кон Русија е неодговорна.





