Како од мерки на претпазливост дојде до 30-дневен притвор за Кристијан Корабоски – Обвинителството со детали за насилството во Охрид
Подоцнежните докази во случајот со нападот врз 26-годишната жена во Охрид довеле до проширување на обвинението од едно на три кривични дела, како и до барање за притвор, објаснуваат од Обвинителството. Оттаму велат дека првичната пријава од МВР се однесувала на едно дело, но новите докази собрани во текот на истрагата ја промениле проценката за потребните мерки.

Според Обвинителството, доказите за кривичното дело „загрозување на сигурноста“ ја засилиле проценката дека постои опасност обвинетиот да го повтори насилството.
Оттаму појаснуваат дека, доколку притворот бил побаран веднаш, врз основа на првичната пријава во скратена постапка, тој во таа фаза можел да трае најмногу осум дена. По поднесувањето на обвинението, судот определил притвор од 30 дена. Обвинителството тврди дека обвинетиот бил соодветно обезбеден од самиот почеток на постапката.
Основното јавно обвинителство Охрид на 16 ноември поднесе обвинение за телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста. Според обвинението, при вршење семејно насилство, обвинетиот ја затворил жената против нејзина волја, физички ја нападнал, ја повредил и ѝ ја загрозил сигурноста. Со обвинението до Основниот суд во Охрид бил доставен и предлог за притвор.
Во текот на прибирањето докази, оштетената била испитана во присуство на социјалните служби, а било наредено и вештачење за видот и карактерот на повредите.
Нападот се случил на 15 ноември, околу два часот по полноќ. Според информациите од МВР, по расправија што започнала во домот на 31-годишниот охриѓанец, а продолжила во автомобил, тој ја нападнал својата 26-годишна партнерка. Насилството продолжило и откако го запрел возилото, при што жената изгубила свест и паднала. Таа била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа во болницата „Свети Еразмо“. Мажот бил лишен од слобода во 5:05 часот.
По првичното постапување, судот му определил забрана да ѝ се приближува на оштетената на помалку од 50 метри, му го одзел пасошот и му наложил секој втор понеделник да се јавува во судот.
На 16 ноември обвинетиот повторно бил лишен од слобода. Од СВР Охрид тогаш соопштиле дека постапиле поради нови околности во предистражната постапка, по што следувале обвинението за три кривични дела и барањето за притвор.





