Македонски државјанин паднал од скала на градилиште во Италија, со хеликоптер пренесен во болница

57-годишен македонски државјанин е тешко повреден при несреќа на градилиште во Италија, откако паднал од скала од височина од околу два метра. Поради сериозноста на повредите, со медицински хеликоптер бил пренесен во болница во Удине.

Несреќата се случила во понеделникот, 16 ноември, во градот Сачиле, во покраината Порденоне, во регионот Фриули-Венеција Џулија. Македонецот бил ангажиран на градежни работи што ги изведувала компанија од Ацано Дечимо.

Според информациите објавени во италијанските медиуми, работникот се качувал по скала кон натстрешница за да ослободи неодамна исечено дрво, заглавено на покривната конструкција. Од засега неутврдени причини, во еден момент паднал од височина од приближно два метра.

На местото веднаш пристигнале медицински екипи и карабинерите од Сачиле, а поради сериозноста на повредите била организирана итна хеликоптерска интервенција.

Здравствената состојба на повредениот е сериозна, а лекарите засега не даваат прогнози за неговото закрепнување. Надлежните инспектори за безбедност при работа започнале проверки за да утврдат дали биле почитувани пропишаните мерки за заштита на работниците.

Италијанските власти ги испитуваат околностите на несреќата. Засега не се објавени дополнителни лични податоци.

Back to top button
Close