(Видео) Прес 24-Беким Незири се појави во Кривичен суд

Функционерот на ДУИ, Беким Незири утрово дојде во Кривичен суд. За него и за другите осомничени се очекува Кривичниот суд денеска да донесе одлука за жалбата на Обвинителството околу мерките на претпазливост кои им беа одредени.

Тие се осомничени за упадот и нападот во зградата на Контролата за летање на скопскиот меѓународен аеродром.

Од Кривичен за „360 степени“ потврдија дека во моментов е во тек седницата на Кривичниот совет на која треба да одлучува по жалбата која Скопското обвинителство ја поднесе во врска со одлуката на Судот да не го прифати барањето за притвор за осомничените во врска со упадот и насилството во М-НАВ.

На седницата на Кривичниот совет, како што информираат од Судот, може да присуствуваат и странките во постапката. Но, освен за Беким Незири, нема информација дали останатите тројца осомничени на кои Судот, исто така, им определи мерки за претпазливост, утринава дошле во Кривичен.

Нема информација ниту дали одлуката која треба да ја донесе Кривичниот совет ќе биде донесена во текот на денот. Дали ќе се уважи или не жалбата на Обвинителството треба да се знае најдоцна до утре

Back to top button
Close