Колку сте сигурни дека не сте исти како вашите родители?
Кога ќе се спомнат родители, многумина прво помислуваат на мајки и татковци на мали деца. Ова не е текст за нив. Туку за нас, возрасните, на кои нашите родители одамна влијаеле, позитивно и негативно…
„Иако многу трауми се пренесуваат од генерација на генерација, важно е да знаете дека нашите родители веројатно биле многу подобри од нивните“, вели за Би-Би-Си на српски американскиот психолог Линдзи Гибсон, авторка на книгата „Возрасни деца на емоционално незрели родители“. Напишана врз основа на децениска пракса, книгата покажува како растењето без родителскара посветеност, топлина и интерес за внатрешниот живот на детето може да ја обои личноста за цел живот.
Сепак, овие бои не се секогаш лесно за откривање, бидејќи такви се голем дел од обичните семејства насекаде околу нас. Иако има екстремни примери, тука главно не се работи за занемарување и физичко малтретирање, поради што овие нијанси потешко се гледаат.
„Оваа книга пркоси на самата суштина на она што овде се смета за добро семејство.
„Секој, ако е среќен, знае за некој таков дедо, баба, вујко. Ако не е, сето тоа го препознава во своите родители“, вели психологот Никица Станојковиќ.
Обични семејства, особено балкански
Иако не се занимава директно со тоа, книгата „ја погодува сржта“ на балканското семејство. А особено е важно што е објавена во времето на враќањето на неоконзервативните вредности – величањето на семејството, црквата и државата, додава психолог кој работи во основно училиште во Белград.
„Замислете во нашата заедница дека синот во кој се инвестирало многу, ќе биде прв на куп натпревари, најдобар тенисер, гордост за патријархалниот морал на неговиот татко, сите го фалат. „И тој доаѓа на 20-тина години и вели: „Јас сум геј“. Колку родители ќе речат „во ред е, те сакам“, а колку ќе речат „што ми направи, што ќе каже дедо ти сега, нема да можам да се појавам пред него“, вели Станојковиќ и нагласува дека родителите лесно го префрлаат внатрешното прашање на детето врз самите себеси.
Токму ова е една од карактеристиките на сите емоционално незрели родители, се вели во книгата на Линдзи Гибсон.
Главна карактеристика на овие луѓе е егоцентричноста (се се врти околу нив), како и недостатокот на емпатија (не можат да се стават во туѓите чевли). Не размислуваат за тоа што прават и како тоа може да влијае на другите и генерално нема да го доведуваат во прашање, дури и ако има проблем во врската. Сето ова може да доведе до тлеење на чувствата на гнев, осаменост, чувство на напуштеност кај детето, не само во детството, туку и подоцна, во зрелоста. Понекогаш децата го преземаат товарот на одговорноста на возрасните за да се обидат да ја придобијат љубовта на своите родители
Четирите типови родители
Гибсон ги класифицирала емоционално незрелите родители во четири групи – емоционални, мотивирани, пасивни и студени. Се разбира, некои луѓе имаат карактеристики на повеќе од еден тип.
Без разлика за каков тип станува збор, доколку родителот не е тука за детето на вистински начин, детето расте со убедување дека нешто не е во ред со него и го поминува целиот свој живот во потрага по начини да го поправи тоа, за родителот конечно да го прифати и засака, вели психологот Саљиќ Миленковиќ.
Мотивираните родители се ориентирани кон целта и се презафатени. Сакајќи да усовршат сè околу нив, вклучително и детето, тие повеќе го контролираат и му се мешаат во животот, наместо да ги слушаат вистинските потреби.
Емоционалниот родител не е емотивен, грижлив родител, туку е непредвидлив и нестабилен и, како таков, недостапен за детето. Тие се водени од сопствените чувства и осцилираат помеѓу претерано ангажирање и ненадејно повлекување, лесно се вознемируваат и често се претставуваат како жртви. Луѓето на Балканот често во овој опис ги препознаат своите мајки.
Пасивниот се повлекува и мисли „Не е мое да интервенирам“, вртејќи ја главата пред доминантниот партнер. Иако можат да бидат топли и забавни додека, на пример, шетаат со детето во парк, во тешки моменти не се тука за детето кое е оставено да се грижи за себе.
Студени се оние за кои понекогаш се запрашувате зошто воопшто имаат семејство. Немаат толеранција за потребите на другите, ниту увид дека другите имаат некакви потреби, па затоа и тие се отсутни за тоа дете. Во патријархалните семејства, со претежно строги, далечни татковци, често се среќава овој тип и тие обично го имаат главниот збор во куќата.
Сите овие типови ја префрлаат одговорноста и вината на другите. Таквите луѓе не ги интересира она што е внатре во другите, тие го гледаат она што е на површината и реагираат на тоа, како мајка која ќе го гушне своето дете ако плаче, но ако не плаче, ќе претпоставува дека е сосема добро.
„Бидејќи не размислуваат за внатрешниот, психолошкиот свет, мислат дека се добри родители, бидејќи обезбедуваат се за физичките потреби на детето како храна, куќа, образование, ќе мислат дека имаат се покриено. Но, знаете, психолошкиот развој на детето многу зависи од квалитетот на таа врска“, вели Гибсон.
Емоционално незрелите родители не се подготвени за емоционална блискост што подразбира слобода да се споделат со некого најдлабоките чувства, што ве зближува и ја зајакнува вашата врска. „Ако родителот многу се вознемирува кога на детето му треба утеха, детето ќе се повлече кога родителот му е најпотребен и ќе мисли дека неговите потреби се лоши или дека очекува премногу“, вели психолог со повеќедецениско искуство. Освен тоа, емоционално незрелите луѓе често ја негираат или ја искривуваат реалноста за да се чувствуваат подобро или да ги држат работите под контрола.
„Кога сето тоа ќе се собере, добивате личност со која е многу тешко да се комуницира и некој кој не е заинтересиран да ве разбере како дете. Тоа секогаш ќе има ефект врз детето“, вели таа.
Затоа детето спонтано ќе побара друга личност која ќе му го обезбеди потребното, другиот родител, тетка, учителка, некој близок кој ќе биде чувствителен за неговите потреби.
Како да се препознаат?
Понекогаш многу тешко.
Многумина не мислат дека имаат некакви неразјаснети односи со родителите, ги сметаат за „нормални“, а помош бараат затоа што имаат симптоми на депресија, анксиозност и напади на паника или затоа што западнале во комплицирани емотивни врски. По две или три сесии, „вратата се отвора“ за врската со родителите, вели Гибсон.
Во книгата пишува дека понекогаш е тешко објективно да се погледнат родителите, бидејќи луѓето се чувствуваат како да ги изневеруваат, но потребно е да се разбере дека нивното незрело и повредливо однесување најчесто е ненамерно. Фактот дека книгата е објавена во 34 земји и е бестселер на продажната платформа Амазон укажува дека станува збор за проблеми во кои се препознаваат луѓето ширум светот.
Во односот со родителите луѓето од Балканот најчесто се жалат дека немаат дозвола да се разделат од родителите, во просторна и уште почесто во психолошка смисла, вели психологот Бранкица Саљиќ Миленковиќ.
„Имаме примери на возрасни луѓе кои, сепак, прво се консултираат со своите родители дури и кога веќе имаат свое семејство и деца, нерешителни се во однос на сите одлуки во животот и не знаат да се потпираат на самите себе. Ако сепак донесат одлука, нервозно гледаат во родителите да видат дали ќе ја одобрат“, вели Саљиќ Миленковиќ.
Додека помладите повеќе се жалат на фактот дека не добиваат одобрување од своите родители да пораснат, постарите генерации повеќе ги мачи емоционалното студенило со која пораснале. „Почесто од таткото, а често и од двајцата родители, кои повторно не добивале топлина од своите родители”.
„Значи, најчестите жалби се поради недостаток на поврзаност, недостаток на разбирање, недостаток на поддршка и неуважување на чувствата“, вели тој.
На терапијата „кога една капка ќе ја прелие чашата“
Луѓето најчесто бараат професионална помош поради оние кои не сакаат терапија, вели Гибсон. Слично е и искуството на психолозите во Србија. Најчесто доаѓаат кога веќе е истурена последната капка, вели Саљиќ Миленковиќ. Обично се жалат на проблеми на работа или во социјалните односи, секако и во партнерските односи, а често нарушен им е и односот со самите себеси.
„Тоа се места или ситуации кои ги активираат нашите шеми на однесување, однесувања што ги повторуваме и ни се чини дека сме исти или слични на различни полиња. Кога ќе станеме свесни за овие обрасци или замки и ќе ги разбереме, тогаш „имаме опција да направиме различни избори во животот“, додава таа.
„Го сакам моето дете, го носам и на тенис и на балет“
За неа, највпечатлив е мотивираниот родител спроведува таканареченото „хеликоптер родителство“, кое зема замав во денешно време.
„Тоа е начин на родителство во кое родителите прават се за нивните деца и стигнуваат на сите страни, а потребите на детето остануваат занемарени. Родителот е ориентиран на целта и е многу зафатен, тој не ни обраќа внимание на вистинските потреби на тоа дете, туку е внесен во своите“, опишува таа.
Таков тип на родителство однадвор може да изгледа многу посветено бидејќи родителите вложуваат време, пари, труд и обрнуваат внимание на детето, а во суштина ги исполнуваат сопствените амбиции. Меѓутоа дететo во тие случаи добива порака дека „ако нема медал, ако нема постигнување тогаш нема да има ни љубов, ни емпатија, ни прегратка“.
„Тогаш се стекнува вид на безнадежност, што може да доведе до самоубиствени мисли, бидејќи никогаш ништо не е доволно. Децата се исцрпени бидејќи не можат да го постигнат темпото и секогаш да ги воодушевуваат родителите“, предупредува Гибсон.
Такви примери во училиштата гледа Никица Станојковиќ.
Вели дека се случува, детето секој ден од понеделник до сабота да има различни активности кои од една страна се добри за развојот – детето нема вишок слободно време, го чуваат од видео игрите и лошите влијанија на друштвото, како дрога и алкохол. Меѓутоа можеби детето не ги сака баш сите тие активности.
„Ми се случило да дојде татко на едно дете и цел среќен да соопшти како успеал синот и во недела да го запише на нешто. Јас го сакам моето дете и јас ќе го носам на тенис, балет, кошарка, фудбал, погледнете ме сите, јас се жртвувам, трошам бензин, а всушност ги исполнувам сопствените амбиции“, го опишува Станојковиќ искуството од училиште.
Како што истакнува тој, поголемиот дел од проблемите со кои се соочува се со родителите, не со децата, и во 99 отсто од случаите гледа „слика и прилика“ на незрел родител. Бидејќи и самиот е татко на три сина, го препознава и балканскиот менталитет.
„Свесни сме дека тоа не е баш идеално, но како да сме тргнале на пат од 1000 километри и на 987 километар разбираме дека сме погрешиле. Балканскиот став е ќе ги изтуркам и тие 13 километри, нема врска што е погрешно, наместо да се враќам 987 назад“, илустрира 52 годишниот Станојковиќ.
„Каде беше досега, сакаш да умрам?!“
Потполно е уверен дека сите набројани родители си ги сакаат своите деца но во многу ситуации се вртат кон себе. Некогаш и од искрена љубов и грижа се праќаат сосема различни пораки, наместо искрено да се каже што некој мисли и сака, па дури и тоа да доведе до конфликт.
„Ја знаете онаа познатата реченица, каде беше вчера до два наутро, сакаш ли јас да умрам?! Наместо да кажат дека се загрижени да не им се случи нешто на децата, родителите им викаат. Не сум ни јас имун на тоа, но таа реченица значи, јас сум важен, јас ќе умрам“, вели тој.
Како пример ги посочува и наведувањата на родителите за тоа што го направиле за нас.
„Тоа се тие всадени однесувања, еве сега ти имаш се, а јас јадев паштета, додека тој што јадел паштета слушал од својот татко дека тој немал ни паштета,“, вели тој споредувајќи се со пародиите во британската хумористична серија Монти Пајтон, кога таткото се жали дека „живеел во кутија со чевли“.
„Книгата на убав начин и разоткрива слоевите на називите љубов и грижа, а всушност се работи за сурова егоцентричност“, додава тој.
Напоменува дека е многу важно да се направи разлика меѓу себичност и егоцентризам.
Додека себичниот човек зема сè за себе, егоцентричниот родител може целиот живот да го посвети на детето, но себе се става во центар на светот.
„Тој тоа не го разбира бидејќи како што гледа сè добро прави, се жртвува, а детето не е важно.
Родителите се често тема на терапиите
Родителите се многу често тема на тераписките процеси, вели Бранкица Саљиќ Миленковиќ, гешталт терапевтка од Белград. Гешталт терапијата е насочена кон сегашноста и начинот на забележување на реалноста, размислувањата и преземање на одговорност за различните животни избори.
„Тоа е нашата прва основа, оттаму сме изникнале и додека сме биле мали родителите практично во нас го всадиле целиот систем. Сите уверувања, вредности, нивните реакции на нас и нашите чувства, и така сме разбрале како функционира овој свет, преку нивните искуствени очила“, вели таа.
Искуствата кои ги носиме од дома се замоткани со сите релации кои ги правиме низ животот, со друштвото, на работа, во партнерските односи, со децата, додава терапевтката.
„Најголема штета прават емоционално незрелите родители чии веќе пораснатите деца не разбираат дека нешто е проблематично. Потребно е повеќе време да разберат и потоа и да прифатат дека не е до нив, туку до ограничените капацитети на нивните родители“, напоменува таа.
Зошто е важно тоа да се познае и со тоа да се излезе на крај?
Со спознавањето на родителите и прифаќањето на нивните доблести и маани – тоа што го направиле добро за нас, но и каде погрешиле, се доаѓа до личен раст и созревање. Тоа не води кон ослободување и можност за поинаква иднина.
„Важно е да го освестиме нашите верувања, да ги редефинириме оние во кои кога ќе ги провериме, веќе не веруваме. Важно е да потврдиме дека сме вредни за љубов и грижа и низ животот да не ги повторуваме туѓите судбини и избори“, заклучува Шаљиќ Миленковиќ
Како што вели Линдзи Гибсон, луѓето лесно препознаваат кој од нивното опкружување им ги „полни“, а кој празни батериите.
Различни луѓе и разни активности ни ја зголемуваат енергијата, се чувствувате поврзано со тие луѓе, бидејќи од нив добиваме нешто. Ако не се добри за вас, веројатно сме уморни или не нервираат и се досадни. Доколку обратите внимание на енергијата, ќе разберете кој го поттикнува вашето созревање“.
Иако нејзината книга не носи инстант решенија, како многу други во популарната психологија, таа оптимистично верува дека промената е можна.
„Емоционалната незрелост отсекогаш била присутна, но мислам дека состојбата дополнително се влошила во современото општество, кое е свртено кон материјалните работи и успехот. Но популарноста на мојата и слични книги на мојата ми дава надеж дека некако ќе успееме да препознаеме и да се излечиме, со тоа што ќе станеме посвесни за себе и нашите фамилии, што првата работа која можеме да ја направиме“, заклучува Гибсон.
Извор: BBC
Превод: Лени Фрчкоска, Марта Стевковска