ГАЛЕРИЈА: Портрет на Џорџ Даер насликан од Бејкон ќе биде продаден за седум милиони фунти

Еден од најинтимните и најпсихолошки интензивни портрети што Френсис Бејкон ги насликал е тој од неговата голема љубов, Џорџ Даер. Сликата за него била толку посебна што лично избрал да биде изложена на неговата прва голема ретроспектива во парискиот Гран Пале во 1971 година.

Но, она што требало да биде врв во кариерaта на Бејкон и монументална причина за славење се претворило во трагедија кога, одвај 36 часа пред отворањето, Даер бил пронајден мртов од предозирање со апчиња за спиење и алкохол, во заедничката хотелска соба на двојката.

Сега, пет децении подоцна, „Студија за Џорџ Даер“ се продава на аукција на дела од модерна и современа уметност во Сотби.

Сликата, која е оценета како една од најдобрите дела на Бејкон, се очекува да достигне цена помеѓу 5 и 7 милиони фунти. Сопственикот ја купил од лондонската галерија Марлборо во 1970 година истата година кога била насликана, и оттогаш е јавно видена само двапати – прво во Гран Пале, а подоцна, во 1993 година, на изложба во Марлборо.

Даер имал 29 години кога го запознал 54-годишниот Бејкон во есента 1963 година. Легендата вели дека Даер упаднал во куќата на уметникот (миг овековечен со филмот “Љубовта е ѓаволот” од 1998 година со Дерек Џејкоби и Даниел Крег во главните улоги). Но, според самиот Бејкон, тие всушност се сретнале во бар во Сохо кога Даер му пришол и рекол: „Се чини дека добро се забавуваш. Може ли да ти купам пијалок?“

Двајцата брзо станале воодушевени еден на друг, иако нивната врска наскоро ќе биде обележана со поларитет на крајности: романтична и страстна, но и бурна и насилна.

Таквите чувства се забележливи во Студија за Џорџ Даер, која е драматична, интензивна и врамена во заводлива темна позадина. Композициски катализатор за делото била серија фотографии на Даер направени од Џон Дикин во Сохо околу 1964 година.

Изложбата во Гран Пале била најважната изложба во кариерата на Бејкон. До тогаш само нему, за прв пат по Пикасо, херојот на Бејкон, му било овозможено галеријата да напраци изложба посветена само на негови дела.
Бејкон не го откажал отворањето, и покрај тоа што страдал и бил во евидентен шок поради самоубиството на Даер во Хотелот Де Сен-Пер.

„Даер несомнено бил најголемата љубов на Френсис Бејкон“ вели за Гардијан Том Едисон, директор за современа уметност на Сотби. „Случајната средба наскоро се претворила во нешто што навистина може да се опише само како бурна и страсна љубовна врска, при што Даер брзо станал исклучително значаен во животот, а и делото на Бејкон.

Фактот дека Даер се појавува во преку 40 слики навистина ја покажува емоционалната моќ што ја имал врз Бејкон, толку јасно евидентна во овој интимен, емотивно набиен портрет.

Неговата темна, заводлива позадина ве привлекува и можеби дури и ја претскажува трагедијата што се случила набргу потоа.

Во аукцискиот каталог Сотби наведува дека сликата е контрапункт на „црните триптиси“ од раните и средни 1970-ти на кои е насликан Даер, кои се сметаат за едни од уметничките триумфи на Бејкон.

Покрај портретот на Даер на аукцијата понудени ќе бидат и:

Landscape near Malabata, Tangier
Study for Three Heads
Three Studies of Lucien Freud

 

Автопортрет

 

Превод: Лени Фрчкоска

Back to top button
Close