Тошковски ги објави пратениците кои гласале „за“, а кои „против“ предлогот за пасошите на ВМРО-ДПМНЕ

Виновниците кои буквално притворија стотици илјади граѓани на територија од 26 000 км2 од денеска имаат конкретно име и презиме, а тоа се сите оние 54 пратеници од СДСМ и ДУИ кои во Собранието гласаа против продолжувањето на важноста на пасошите. Ова вечерва го напиша министерот за внатрешни работи во техничката Влада Панче Тошковски на својот Фејсбук профил за измените за Законот за патни исправи што ги предложи ВМРО-ДПМНЕ, а кои денеска не стигнаа до расправа и гласање во законодавниот дом бидејќи мнозинството пратеници гласаа „против“ тие да се најдат на дневен ред на 145. пленарна седница по итна постапка.

Тошковски го објави списокот на пратеници на кој се гледа кој од нив на денешната седница гласал „за“ или „против“ за измените за Законот на патни исправи.

Според него, поради пратениците од СДСМ и од ДУИ, како што вели, гласале против продолжување на важноста на пасошите, стотици илјади граѓани останале заробени на територијата на државата без можност да патуваат надвор од неа.

„Тоа го направија молчешкум, без да дадат разумно образложение водејќи се исклучиво од нивниот партиски интерес, притоа оставајќи ги граѓаните во состојба на несигурност и безизлезност и кршејќи им го основното човеково право на слобода на движење. Но, цената за нивниот молк денеска, ќе ја платат на 8 мај, кога народот многу гласно ќе го каже своето“,вели Тошковски.

Мнозинството не прифати предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за пасошите да оди на дневен ред по итна постапка

Со предлог-измените на Законот, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараа пасошите со старото уставно име наместо до 12 февруари 2024 година, како што е предвидено со Преспанскиот договор, да продолжат да важат до крајот на годината, како што претходно беше направено со возачките дозволи.

Изминативе денови функционерите на ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати ги повикуваа пратениците на СДСМ и ДУИ ги поддржат измените за да се стави крај хаосот со замената на пасошите.

Велеа дека потребни се 15 пратеници од власта кои заедно со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе го изгласаат законот за продолжување на важноста на пасошите.

Back to top button
Close