САД ја разгледуваат можноста за воздушен транспорт на хуманитарна помош во Газа
Администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден ја разгледува можноста за испраќање хуманитарна помош во Појасот Газа со воени авиони, бидејќи испораката од копно станува се потешка, јавија британски медиуми, повикувајќи се на неименуван американски извор.
Покрај тоа, Канада ќе започне со воздушно испраќање помош во Газа во текот на следната недела, јавија американските медиуми.
Според податоците на ОН, најмалку 576 илјади луѓе или околу една четвртина од населението на Појасот Газа, се на работ на глад.
„Едно од шест деца на возраст под две години во северниот дел на Газа страда од акутна неухранетост и практично сите 2,3 милиони луѓе во палестинската енклава се потпираат на жалосно неадекватна помош во храна за да преживеат“соопшти ОН.
Министерството за здравство на Хамас утринава соопшти дека бројот на загинати во Појасот Газа се зголемил на повеќе од 30 000 од почетокот на конфликтот со Израел на 7 октомври.
Оттаму додаваат дека само ноќеска во нападите на израелските сили загинале 79 лица.