Влијанието на Србија и југословенизацијата во Македонија се најголемиот проблем во „Отворен Балкан”, смета Таравари

Влијанието на Србија и југословенизацијата во Македонија се најголемиот проблем во проектот „Отворен Балкан“, вели во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Арбен Таравари, претседателскиот кандидат на коалицијата „Влен“, прашан зошто се залага Северна Македонија да излезе од оваа регионална иницијатива.

Таравари: Проектите во коишто не учествуваат сите, веќе не се проекти. Во „Отворен Балкан“ останавме само ние и Србија, никој друг. Премиерот на Албанија кажа дека „Отворен Балкан“ е веќе минато. Берлинскиот процес е иницијатива во која учествуваат сите држави од Западен Блакан, процес олеснуван од Германија и е сеопфатен проект во кој учествуваат сите држави, за разлика од некој проект во кој не учествуваат Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија сега не е, Косово не е. Ниедна од овие држави, освен Србија и Македонија, не се во „Отворен Балкан“.

360°: Ви пречат Србија и Вучиќ во тој проект?

Таравари: Најмногу ни пречи влијанието на Србија и југословенизацијата во Македонија. Тоа е огромен проблем за државата.

Според Таравари, Македонија треба да негува добрососедски односи со сите држави од регионот. Но, ефектот од т.н. југословенизација, како што вели тој, е огромен и според него, е поврзан со руското влијание во земјава.

„Руското влијание во Македонија оди преку Србија. Ако се анализираат последните, еве Дака Давидовиќ, инвеститорот кој беше во Тетово. Црногорец со српско потекло, кој инвестираше во Тетово преку врските со СДСМ и ДУИ. Нели се покажа дека е на ‘црна листа’ во Америка. Онишченко е еден од повеќето кои добија пасоши во Македонија. Сега го слушам Османи кажува избрани 17 руски дипломати. Како сериозна држава, дел од НАТО, треба да имаме филтри за тоа кој ти доаѓа во државата. Доколку имате информации и сте дел од НАТО, треба да имате одредени филтри и подобро е да превенирате отколку да избркате некого. Мислам дека најголемиот дел на руско влијание во Македонија оди преку Србија и тоа е неспорно. Ако има некоја држава од Западен Балкан фантастични релации со Русија, тоа е Србија, без дилема“,посочува Таравари.

На прашањето за тоа какво влијание во земјава носат блиските релациите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со унгарскиот премиер Виктор Орбан, Таравари вели: „Груевски, кој сега инклинира повеќе накај ДУИ и СДСМ, и тој е близок со Орбан и не можам овие релации да ги објаснам, меѓутоа Орбан е личност која не е преферирана од европските држави“.

Back to top button
Close