Лешоски: Најважно ми било тоа што го пишувам само да биде вистина, без запирка, без дотерување, без навраќање назад
„Не сакам да се анализирам себеси како што спомнав и претходно. Најважно ми било тоа што го пишувам само да биде вистина, без запирка, без дотерување, без навраќање назад, затоа што сакам да ги оставам работите така како што се почувствувани, така да се и напишани. Ако навлезам, имам книжевност, зошто вака или така, мислам дека ќе изгуби есенцијата. Кога се запишував на книжевност, еден пријател од татко ми кој е професор ми кажа „пишуваш? За да пишуваш добро треба две работи, т.е. има две патишта, или да читаш многу и да можеш да ги прекршиш правилата или пак да читаш многу па се да заборавиш.“ Јас за да завршам факултет читав многу, но го избрав тој пат да заборавам“, рече писателот Дарко Лешоски на каналот на Слободен печат во соработка со ЦИВИЛ Медиа и Трн.мк.
Тој додаде дека при пишувањето не се навраќал наназад за да анализира дали напишаното е драмски текст, исечок или фрагмент од драма, поезија или краток расказ. Во однос на тоа дали во Министерството за култура има промени тој додаде дека промените се очигледни.
„За културните работници конкретно, самите се сведоци дека платите им се енормно поголеми од тоа што им биле. По однос на културните проект, мислам дека тоа никогаш и не зависело од министерството. Ако зборуваме за она есенцијална култура, не треба да извадиш книга, да те финансираат за книга, за да те читаат луѓето. Околу другите уметности, барем околу популарните, важи истото“, потенцираше Лешоски.
Во однос на политика, тој додаде дека не може добра претстава, филм да се направи без многу средства.
„Есенцијата, креативноста не те прашуваат дали ти требаат пари и дали имаш пари за тоа. Го правиш или не го правиш. Кај нас луѓето се навикнати за се да има некаква поддршка или пари. Некогаш правиш некои работи без да се прашуваш дали треба, може, не може. Ако имаш потреба да го создадеш, ќе го создадеш“, заклучи Лешоски