Новинарка од Кина која доби четири години затвор поради известување за пандемијата во Вухан, денес може да биде ослободена
Кинеската новинарка Џанг Жан, која помина четири години зад решетки поради нејзиното известување за ковид-пандемијата во Вухан, треба да биде ослободена денеска, јавува Си-Ен-Ен.

Жан е поранешна адвокатка и една од ретките независни кинески новинари кои, и покрај медиумската цензура, известуваа за Вухан откако 11 милиони луѓе завршија во целосно затворање. Таа беше приведена во мај 2020 година, а неколку месеци подоцна беше осудена на четири години затвор за „предизвикување кавги и неволји“. Тоа е обвинение што кинеската влада често го користи за да ги напаѓа активистите за човекови права.
Инаку, во февруари 2020 година, само неколку дена по објавувањето на заклучувањето, Џанг отпатувала во Вухан од Шангај, оддалечен 600 километри, за да пријави за ширењето на вирусот и обидите за негово сузбивање. Повеќе од три месеци, таа го документираше животот под заклучување и реалноста со која се соочија жителите – од преполни болници до празни продавници. Таа објави фотографии и видеа на Икс (тогаш Твитер), Јутуб и апликацијата за пораки ВиЧет.
„Дури и нашите гласови се надвор од нашата контрола. Тие не затвораат во име на превенцијата и пандемијата и ја ограничуваат нашата слобода. Ако не можеме да го скршиме нивниот монопол на вистината, светот ќе ни биде бесмислен“, рече таа во видео објавено две недели по пристигнувањето во Вухан.
Нејзините објави нагло престанаа во средината на мај, а подоцна беше откриено дека полицијата ја приведе и ја врати во Шангај.





