Сотировски: Општина Тетово уништува државен имот, потврда стигна и од Државното правобранителство
Како што напиша Сотировски на својот Фејсбук профил, Советот на Општина Тетово уште минатата година донел незаконска одлука со која градскиот стадион го доделил на јавно претпријатије. Право на доделување на државен имот има само Владата, а уште помалку некој има право да урива имот на државата, како во случајот со Градскиот стадион.
Ваквите незаконски дејанија, како што напиша тој, ги потврди и Државното правобранителство до кое поднел преставка.
„Како граѓанин, по првичната реакција на социјалните медиуми поднесов Иницијатива за оценување на уставност и законитост на спорната Одлука на Советот на Општина Тетово до Уставниот суд на 26.04.2024 година. Исто така, на 29.04.2024 година поднесов претставка и до Државното правобранителство кое е орган повикан да го штити државниот имот. Вчера на 16.05.2024 година добив писмено произнесување од Државното правобранителство со кое ги потврдува моите наводи и утврдува прекршување на Законот. Исто така, ме информираат дека покренале иницијатива до Владата и до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам за заштита на државниот имот. Кога граѓаните би биле гласни, правниците упорни, а институциите внимателни и ажурни, не би ни се случувало ова“, пишува Сотировски.
На 12 април, Општина Тетово презентираше нов изглед на Градскиот стадион, а притоа градоначалникот самиот рушеше дел од трибините. Покрај видео презентацијата на новиот изглед на стадионот имаше ревијален фудбалски натпревар и настап на музичари само на албански јазик.