Филипче ја потврди кандидатура за претседател на СДСМ Ветувам кампања со највисока почит кон против кандидатите а не бојно поле за напади
Поранешниот министер за здравство – Венко Филипче влегува во трката за лидер на СДСМ. Актуелниот пратеник на СДСМ за тв24 ја најавил својата кандидатура.

„Поднесувам кандидатура за претседател на СДСМ“ – изјавил Филипче.
Тој е третиот кандидат за лидер на СДСМ откако својата кандидатура досега ја најавија поранешната министерка за одбрана, Славјанка Петровска и директорот на ТИРЗ – Јован Деспотовски.
Како опција за претседателската фотелја во СДСМ се споменува и името на Стефан Богоев.
Инаку, Филипче беше носител на СДСМ во ИЕ4 и тој важи за човек од доверба на Зоран Заев
филипче камдидатирата ја потврди и на фејсбук.
Почитувани членови и симпатизери на СДСМ,
Почитувани граѓани,
По долго размислување и низа разговори со голем број поддржувачи на СДСМ, решив да се кандидирам за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на престојните внатрепартиски избори.
Нашата партија е соочена со голем предизвик и ги поминува веројатно најтешките моменти од нејзиното основање.
Ова е време кога многумина се прашуваат дали СДСМ ќе опстане и каква е иднината на партијата. Но, јас силно верувам дека поразот треба да ни послужи како моќен катализатор за промени и обнова. Мојата цел во следните четири години е да ја обновиме, реформираме и повторно да ја подигнеме СДСМ на ниво кое го заслужува. Да создадеме организација која ќе им служи на граѓаните и ќе биде мотор на општествениот напредок.
Мораме да учиме од нашето минато, да ги отстраниме сите недостатоци и да излеземе посилни и пообединети од кога било досега. СДСМ отсекогаш бил и останува столб на демократијата, правдата и напредокот. Силен СДСМ им е пред сѐ потребен на граѓаните како коректив на политиките и насоката во која се движи земјата.
Со мојата кандидатура ќе приложам сеопфатен концепт и програма која наскоро ќе ви ја претставам. Во следниот период ќе се посветам на дискусии и средби со членови и поддржувачи на СДСМ, но и низа поединци, групи и организации кои може да придонесат заеднички да ги поставиме темелите на обновата.
Сакам да ги слушнам сите размислувања и идеи кои ќе помогнат да го вратиме СДСМ на победничките патеки и гордоста на нашите членови. Заедно, ќе ја обликуваме иднината што ќе ја одразува нашата заедничка визија за Социјадемократскиот сојуз на Македонија.
Ветувам дека ќе водам кампања со највисока почит кон моите противкандидати. Сите ние сме пред сѐ пријатели и колеги и имаме заедничка цел – посилен и подобар СДСМ. Ова мора да биде натпревар на идеи и визии, а не бојно поле на лични напади.
Нашата заедничка цел е да го зајакнеме СДСМ и да им служиме на граѓаните, затоа мора да пристапиме со единство и меѓусебно почитување.
Во овој дух, по затворање на рокот за кандидирање, ги поканувам сите кандидати на заедничка средба да ги договориме правилата на фер и демократска кампања во која на крајот сите ќе излеземе и помудри и пообединети.
За крај, ве поканувам да ми се придружите на ова патување за реформирање и зајакнување на СДСМ, за создавање партија која вистински ги застапува вредностите и потребите на нашите граѓани. Заедно, можеме да изградиме попросперитетна иднина за сите.
Ви благодарам за поддршката,
Венко Филипче







