Кабинетот на Сиљановска-Давкова ја помеша претседателката на ЕБОР со директорката за родова и економска инклузија

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска на маргините на Конференцијата за обнова на Украина во Берлин се сретнала со претседателката на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Одил Рено-Басо, но од нејзиниот кабинет испратија соопштение до медиумите во кое информираа дека се сретнала со Барбара Рамбусек, директорка за родова и економска инклузија во ЕБОР.

Во прилог на соопштението од кабинетот на Сиљановска-Давкова испратија и фотографии од средбата на кои јасно се гледа како претседателката разговарала со Рено-Басо, а не со Рамбусек.

„Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска во Берлин, на маргините на Конференцијата за обнова на Украина, оствари средба со Барбара Рамбусек, директорка за родова и економска инклузија во Европската банка за обнова и развој. На средбата беше разговарано за исклучителната важност на посветената реализација на проектите на ЕБОР во земјава, фокусирани на континуиран развој на социо-економските процеси во македонското општество, во согласност со нашата европска стратешка определба. Двете соговорнички ја потенцираа заложбата во промовирањето на родовата еднаквост, како клучен двигател на функционалната одржлива и инклузивна пазарна економија. Во таа насока, претседателката Сиљановска-Давкова, изрази задоволство од успешноста на спроведените политики на ЕБОР во земјава“,

беше наведено во соопштението од кабинетот на претседателката испратено до медиумите во 12:19 часот.

Имејлот од кабинетот на Сиљановска-Давкова со кој информираа дека се сретнала со директорката за родова и економска инклузија, а не со претседателката на ЕБОР

Откако од кабинетот на Сиљановска-Давкова ја увиделе грешката, еден час подоцна, во 13:25 часот, на нејзините официјални профили на социјалните мрежи Фејсбук и Икс, беше објавено дека претседателката се сретнала со претседателката на ЕБОР, Одил Рено-Басо.

Грешката е исправена и во соопштението објавено на официјалната интернет-страница на претседателката.

извор 360.мк

Back to top button
Close