Сиљановска-Давкова, во кус разговор oд нога, ѝ се заблагодарила на потпретседателката на САД за поддршката на земјава

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова вечерва на социјалните мрежи објави заедничка фотографија со потпретседателката на Соединетите Американски Држави, Камала Харис од мировниот самит за Украина што се одржува во близина на швајцарскиот град Луцерн.

Фотографија од кратката средба на Сиљановска-Давкова со потпретседателката на САД, Камала Харис во Швајцарија / Фото: Фејсбук-профил на Гордана Сиљановска-Давкова

Во објавата на Фејсбук, Сиљановска-Давкова напиша дека накратко разговарала со Харис, првата жена потпреседател на САД, на која ѝ се заблагодарила за континуираната поддршка.

Таа додава дека се надеваме на натамошно зајакнување на билатералните односи со САД и дека земјава високо ја цени поддршката од нашиот стратешки партнер.

 

Сиљановска-Давкова е дел од учесниците на дводневната мировна конференција во Швајцарија, која е еден од досега најамбициозните обиди да се направи мировен план за ставање крај на војната во Украина.

Претседателката денеска присуствуваше на отворањето на самитот што се одржува во Биргеншток, планинско одморалиште во близина на Луцерн, а утре, како што соопштија од нејзиниот кабинет, е предвидено да има свое обраќање на самитот.

Сиљановска-Давкова со претседателката на Швајцарија, Виола Амхерд и со украинскиот претседател Володимир Зеленски на Самитот за мир во Украина, што се одржува во Швајцарија / Фото: Кабинет на претседателката на РС Македонија

Во рамките на настанот, Сиљановска-Давкова денеска имала средба со претседателот на Полска, Анджеј Дуда, на која, како што информираа од претседателскиот кабинет, биле разменети мислења за билатералните односи меѓу двете земји, за состојбите во регионот и за глобалните безбедносни предизвици.

Тема на разговор била и соработката на двете држави како сојузнички во НАТО.

„Соговорниците изразија задоволство од одличната соработка воспоставена на традиционално пријателство и констатираа дека двете држави споделуваат врска создадена во текот на три децении соработка, меѓусебна почит, доверба и разбирање. Беше посочено дека оваа година славиме 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи, што е доказ за трајно партнерство и заедничките вредности“,се наведува во соопштението за средбата со Дуда. 

Од средбата на претседателката Сиљановска-Давкова со полскиот колега Анджеј Дуда / Фото: Кабинет на претседателот на РС Македонија

Во однос на евроинтеграциите, Сиљановска-Давкова нагласила дека недвосмислено сме посветени на агендата за интеграција во Европската Унија и во тој контекст изразила очекување за силна поддршка од меѓународните партнери за да се осигуриме дека процесот на нашето членство ќе продолжи непречено.

„Претседателката Сиљановска-Давкова порача дека е клучно европската перспектива на земјите кандидати да не биде попречувана од вето поради ирационални билатерални прашања, туку процесот треба да се води исклучиво низ призмата на исполнување на копенхагенските критериуми“,се вели во соопштението за средбата. 

 

Back to top button
Close