Напаѓачот на јужнокорејскиот опозициски лидер осуден на 15 години затвор

Јужнокорејски суд денеска го осуди напаѓачот на опозицискиот лидер Ли Џае-Мијанг на 15 години затвор за обид за убиство и кршење на изборниот закон.

Напаѓач го нападна Ли со нож во градот Бусан во јануари, по што лидерот на Демократската партија беше хоспитализиран повеќе од една недела со рана на вратот.

Инцидентот се случи три месеци пред парламентарните избори во април, а напаѓачот тврдел дека решил да го направи тоа за да го спречи Ли да стане претседател, пренесува Јонхап.

– Обвинетиот делото го сторил откако подолго време собирал омраза кон жртвата поради различни политички ставови, заклучи судот.

Судот наведе дека напаѓачот „упорно и педантно“ го планирал нападот во период од девет месеци, а претходно го следел Ли на пет јавни настани.

Back to top button
Close