“Портпарол на Кремљ” – Што пишува во тајното писмо на Орбан до Брисел?

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во писмо до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, ги повторува ставовите на рускиот претседател Владимир Путин за Украина, известува бриселскиот портал Политико.

Во писмото, во кое Политико вчера имало увид, Орбан толку детално ги изложува размислувањата на Путин за статусот на војната во Украина што може да се помисли дека се подготвува за улогата на портпарол на Кремљ, наведува порталот

Писмото, адресирано до претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, и споделено со другите членови на Европскиот совет, ги изложува размислувањата на Путин за статусот на војната во Украина и препораките што, според Орбан, ЕУ треба да ги преземе.

Ова писмо е кулминација на неделата на манијакална дипломатија, за време на која Орбан го посети Киев, потоа Москва и Пекинг, во самопрогласената мисија за мир во Украина, неколку дена откако Унгарија ја презеде ротирачката претседателска функција на Советот на ЕУ, пишува Политико.

 

Времето не работи за Украина

Орбан му кажал на Мишел дека, според Путин, „времето не е на страната на Украина, туку на страната на руските сили“, без да наведе докази за ваквата анализа на боиштата.

Писмото, датирано на 5 јули и поделено на девет точки, исто така не прави никаква референца дека Путин ја започна целосната инвазија на Украина во февруари 2022 година.

Орбан — кој негираше дека артикулира „каква било позиција во име на Европскиот совет или Европската Унија“ за време на неговата посета на Москва — продолжил да кажува дека „руската страна проценува дека месечните загуби и жртви на украинските сили се 40-50 илјади војници“, без да спомне руски загуби во војната.

Прекин, но без преместување на украинските сили

Тој додал дека Москва е „подготвена да разгледа каков било предлог за прекин на огнот што не служи за скриено преместување и реорганизација на украинските сили“, без да објасни понатаму што Путин мислел со тоа.

Во извештајот за состанокот, Орбан вели дека му укажал на Путин дека „многумина тврдат дека е во интерес на Европа да се врати на период на економски раст базиран на траен мир што е можно побрзо“, додавајќи: „Шансата за мир е намалена од фактот дека дипломатските канали се блокирани и нема директен дијалог меѓу страните кои имаат водечка улога во создавањето услови за мир.“

Украинска „Правда“ напиша дека во писмото, сепак, се вели дека Путин е подготвен да размисли за можен прекин на огнот што „не служи за скриено преместување и реорганизација на украинските сили“.

„Унгарскиот премиер додаде дека Русија – според Путин – е подготвена само да се согласи со условите поставени за време на разговорите во Истанбул во април 2022 година, „особено 5-тиот став од документот кој ги специфицира меѓународните безбедносни гаранции што треба да и се дадат на Украина“. Ова се однесува на ветото за таканаречените безбедносни гаранти за Украина во случај на употреба на сила против неа, а Русија сакаше да се види себеси меѓу овие гаранти“, пишува украинска „Правда“.

Весникот пишува дека во писмото на Орбан до Мишел понатаму се вели дека Москва е подготвена да „размени мислења“ за таканаречениот мировен предлог што го предложија Кина и Бразил. Овој „предлог“ предвидува „мировни преговори“ меѓу Украина и Русија и не ја спомнува потребата од враќање на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.

Остатокот од писмото, според украинска „Правда“, Орбан го посвети на повторување на неговите аргументи дека на Европа ѝ треба мир за економски просперитет и дека шансите за мир се намалуваат бидејќи „дипломатските канали се блокирани и нема директен дијалог меѓу страните“.

Политико пишува дека амбасадорите на ЕУ во Брисел денеска ќе разговараат за патувањата на Орбан.

– Ако брифингот оди во ист тон како и ова писмо, тоа ќе биде пријатна средба – изјавил саркастично еден дипломат на ЕУ, кој побара анонимност за да ја дискутира оваа чувствителната тема за Политико и додал:

– Ништо, ама ништо од сите напори на Европскиот совет во последните 2,5 години не се рефлектира во ова.

 

Следните два месеци ќе бидат драматични?

Во осмата точка од писмото, според Политико, Орбан напишал дека верува дека прекин на огнот и мировни преговори се сè уште можни, но додал дека „во следните два месеца ќе видиме подраматични загуби и воени развои на фронтовите отколку што сме виделе досега“ ако војната не биде запрена.

Тој потоа заклучил дека Европа треба да преземе водечка улога во обидите за постигнување мир во Украина, бидејќи САД се сè повеќе насочени кон претстојните претседателски избори во ноември.

„Политичкото водство обезбедено од САД е ограничено поради тековната изборна кампања“, напишал Орбан.

„Затоа не можеме да очекуваме никаков таков предлог од САД во наредните месеци. Треба да размислиме — во духот на европската стратешка автономија — да започнеме европска иницијатива“, додава тој во објавата.

Ќе ја продолжам мисијата“

Мисијата на Орбан, барем во однос на завршување на војната, е малку веројатно дека ќе успее. Во понеделникот, откако руските сили бомбардираа детска болница во Киев, украинскиот претседател Володимир Зеленски го осуди неговиот обид за посредување со Кремљ. Сепак, тоа веројатно нема да го одврати унгарскиот лидер, наведува Политико.

Орбан го завршува писмото со:

„Ќе продолжам со разговорите за разјаснување на можностите за мир следната недела“.

Back to top button
Close