Дачиќ очекува од Македонија да го екстрадира Рамадани
Вицепремиерот на Србија и министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ очекува од македонските власти да го испорачаат поранешен член на ОВК, Бљерим Рамадани, кој по потерница од Србија беше уапсен на ГП „Јажинце“.
„Многу често се случува земјите да уапсат некого, а потоа да не го екстрадираат. Ако некој навистина сака да се бори против воените злосторства, ако има документирани обвиненија, тогаш секако очекуваме да биде екстрадиран за да одговара за злосторствата“, рекол Дачиќ за „РТС“, одговарајќи на прашањето дали очекува негова екстрадиција во Србија.
Рамадани е екс-член на оперативната зона на ОВК, „Неродимље“, која е позната по, како што пренесуваат српските медиуми, прогонот на стотици Срби од Урошевац и селата Неродимље, Крајиште, Велики и Мали Алаш, Слатина, Голеш, Помазатин, палење на српски куќи и уривање на цркви, киднапирање и убиства на десетици Срби и прогон на српското население од општините опфатени со таа оперативна зона.