Извесна смената на директорот на „Шутка“, доаѓа уште еден полициски генерал на чело на затворот
На денешната владина седница се очекува смена на директорот на КУП Затвор Скопје, Филип Андов – Сокол поради злоупотребите констатирани при вонредниот надзор на Управата за извршување санкции, спроведен во петокот.
„Слободен печат“ повикувајќи се на неофицијални извори дека за нов директор на Затворот во Шутка ќе биде именуван Бобан Утковски, поранешен полициски генерал.
– Заради констатираната состојба дека сите затвореници по списокот не се на број во ќелиите, како и за другите регистрирани аномалии веќе утре ќе биде завршен Записникот и доставен до Јавното обвинителство – изјави в.д. директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов.
Пандов нагласува дека во моментов до Министерството за внатрешни работи се пријавени шестмина осудени лица од затворот Скопје дека се во бегство. МВР не соопшти дали бегалците се фатени и вратени во Затвор Скопје. Министерот Панче Тошковски најави дека МВР ќе постапува согласно својата надлежност за решавањето на срамната состојба во македонските затвори, за кои Пандов рече дека наликуваат на „хотел – промаја“.
– Мора да учестуваме. МВР е должно да ги истражи сите овие постапки. За внатрешното функционирање во рамки на затворите, надлежна е институција којашто не е МВР. Тоа на крајот на денот сепак е под Министерството за правда и тука би ве упатил кај колегата. Но во делот на откривање на криминал од ваков размер, за што во изминатиов период е сведок јавноста, апсолутно дека имаме надлежност и ќе постапиме. Ќе видите – рече Тошковски.
Министерот Тошковски посебно се осврна на случајот на осуденикот Зоран Милески Кичеец кој наместо на отслужување на затворската казна во струшкиот затвор се најде зад воланот на автомобил кај Маврово и предизвика сообраќајна несреќа со смртни последици пред три години.
…