Зошто е важно детето да има слобода на избор околу својата облека?

Иако на прв поглед се чини дека тoa не е баш најдобра идеја, родителите треба да им дозволат на своите деца да ја изберат облеката што ќе ја носат дента. Така советува блогерката Џес Карпентер.

Повеќето родители претпочитаат изборот да биде нивен, бидејќи детето најчесто бира дезени, материјали и бои коишто не се вклопуваат во иста комбинација. Меѓутоа, да му се дозволи самото да се облекува – може да има придобивки за натамошниот развој. Имено, со секоја успешна одлука што ја носи, користејќи ја својата независност, секоја личност си ја гради самодовербата, но и контролата во сè повеќе области во животот.

Имајќи го тоа предвид, градењето на самодовербата на детето е поважно од тоа каква кошула ќе носи или дали боите ќе се совпаѓаат тој ден. Тоа го потврдува и блогерката Џес Карпентер, која ѝ ја дава таа слобода на ќерка сѝ.

– Ѝ дозволувам сама да си избере облека – со пруги, точки и сè тоа. Сега ја охрабрувам нејзината способност да бира сама. Таа сака да бира што ќе носи секој ден и сака да биде одговорна. Се разбира, сè уште има правила. Таа не може да излезе надовор без фустан или кошула и панталони. Исто така, мора да биде облечена соодветно за временските услови, но освен тоа, јас се согласувам со тоа да носи што сака, вели Карпентер.

Таа наведува дека секој пат кога детето си ја бира облеката, треба да го пофалите и да разговарате за тоа. Така, не само што поттикнувате независност кај детето, туку, преку разговорите, дополнително се поврзувате со него.

Затоа, следниот пат кога вашето дете ќе излезе во облека што можеби не одговара, „не превртувајте ги очите“, нагласува блогерката. Самостојноста е важна за детето кое допрва ја гради самодовербата, како и личноста воопшто.

фото: Humans of New York

Back to top button
Close