Ги споделил ли Мицкоски информациите за дестабилизација со Сиљановска-Давкова и зошто таа не го свика Советот за безбедност?

Премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференција рече дека од повеќе канали добил информации оти раководството на ДУИ во обид да го заштити капиталот што го создавале изминатите двасетина години, ќе преземало чекори за дестабилизација на државата.

Тој не објави повеќе информации околу тоа какви дестабилизации подготвува ДУИ, ниту дали и какви мерки презема државата за да се справи со таквите наводни обиди на ДУИ. Како што кажа Мицкоски ДУИ би преземале такви потези за да го одбранат капиталот стекнат изминатите 20 години додека биле на власт, но и дека не се исклучува можноста некои група да бидат несвесно изманипулирани за да го загрозат територијалниот интегритет и суверенитет.

Тоа што е интересно е што по ваквите најави за можни дестабилизации во земјата, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова најави дека нема да го свикува Советот за безбедност.

Иако од „360 степени“ го прашале кабинетот на претседателката дали и таа поседува такви информации и дали ќе го свикува Советот за безбедност, одговорот кој го добиле бил само не.

Без информации за плановите за дестабилизација се и од коалициониот партнер во владата „Вреди“. Пратеникот Беким Сали рече дека нема информации и не знае со какви информации располага премиерот и го повика доколку има некакви индиции тие да ги сподели со јавното обвинителство.

Слична е изјавата и од претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој го повика премиерот доколку има информации за нарушување на мирот во државата или за дестабилизација, да ги сподели со надлежните институции.

„Доколку тоа Мицкоски го прави без основа и без да преземе конкретни чекори, Мицкоски е тој што дестабилизира. Бараме итно да се произнесе прецизно по ова тврдење, бараме Сиљановска Давкова да го свика Советот за безбедност ако е воопшто конституиран. Бараме обвинителството да покрене истрага и да го викне Мицкоски на сослушување“, порачаа од СДСМ.

Изјавите дека некој планира дестабилизација на мирот во државата се сериозни и предизвикуваат страв кај народот, поради што институциите треба да ги преземат сите чекори за да се спречат таквите обиди, а тоа подразбира и споделување на информациите помеѓу нив. Останува нејасно како премиерот има информации и индиции за наводни планови за дестабилизација, а тие не се споделени со претседателот на државата и останатите коалициони партнери во владата.

Back to top button
Close