ТикТок американскиот „државен непријател“ број еден

Ал Џезира Балканс

Како апликацијата базирана на кратки видео записи и музика, стана една од најголемите опасности за американскиот разузнавачки апарат и технолошките компании – или барем така тврди претседателот на САД Доналд Трамп.

Апликацијата ТикТок беше создадена во 2016 година, од компанијата Бајт Денс, со седиште во Хонг Конг. Првата година беше практично непозната, но потоа нејзината кинеска верзија Дуин стана мега-популарна во Кина. Целиот концепт  на апликацијата се базираше ( и се уште се базира) на кратки видео записи, обично со музика и танц, но во последната година  присутна е содржина во разни формати.  Бајт Денс во 2018 година ја купува апликацијата Мјузика.ли и ја интегрира во Тик Ток, со што добива огромен каталог на музика популарна на Западот. И тогаш започнува нејзиниот метеорски успех

Технолошко цунами

ТикТок за помалку од две години од своето работење ги собори сите рекорди – по број на преземања, по број на корисници, како и по број на активни корисници во кој било момент. Официјално, Тик Ток е преземен на над две милијарди уреди, а тој број се зголемува за над десет илјади на ден.

Повеќе од 800 милиони луѓе во светот дневно го користат Тик Ток, а од нив само 150 милиони во Кина. Во САД оваа апликација има над 100 милиони корисници,  со околу триесет милиони дневно активни. Апликацијата е особено популарна во Азија – Виетнам, Индонезија, Јапонија и Тајланд, а во некои земји постојат и натпревари за најдобри „настапи“ на Тик Ток, со парични награди.

Со сите овие бројки, не е изненадување што Тик Ток е најпреземана апликација на Епл Стор, а само во еден квартал од 2019 година  е преземена  33 милиони пати, а 41 отсто од корисниците на апликацијата се помеѓу 16 и 24 години, кои што о просек поминуваат час и петнаесет минути секој ден на апликацијата.

Александра Драгашевиќ, маркетинг експерт истакна дека овој вид застапеност носи огромни можности за реклама:

„Честопати забораваме дека Гугл и Фејсбук, како и нивните апликации како Инстаграм, не заработуваат за живеење од нашите селфи и објави, туку од – реклами. Најголем дел од приходите на Гугл се од неговите реклами „Ад Сенс“ и речиси целиот приход на„ Фејсбук“ доаѓа од реклами. Исто е и со апликацијата тикТок – со оглед на тоа што огромен дел од корисниците се млади луѓе, таа ја отвора вратата за музиката, модата и технолошката индустрија да ги рекламираат своите производи “, објаснува Драгашевиќ.

Непријател на Ви-Фи мрежата

Но, како оваа апликација, очигледно наменета за забава, стана дел од истрагата на Комитетот за разузнавање на Конгресот и е постојано присутна во обраќањата на Трамп во Белата куќа?

Всушност, виновни се законите во Кина. И тие закони велат дека сите компании што  работат на интернет, а се со седиште во Кина, мора да достават податоци за корисниците на барање на властите. Ова се оправдува со разни сомневања за електронско перење пари, кибер шпионажа и онлајн криминал, но во суштина, Кинеската комунистичка партија и кинеските Власти сакаат да имаат пристап до тие податоци, ако им затребаат. Со оглед на тоа што Бајт Денс е кинеска компанија, серверите  на кои  работат Дуин и Тик Ток се одвоени – едните се наоѓаат во Кина, а другите во САД.

Сепак, тоа не беше доволно за да се отфрлат сомневањата на функционерите во САД. Државниот секретар и поранешен директор на ЦИА, Мајк Помпео неодамна изјави дека „ако го користите ТикТок, вашите податоци ги испраќате директно во Кина“. Американската морнарица и американските воздухопловни сили целосно им забранија на своите припадници да ја користат апликацијата, а вработените во ДХС (Национална безбедност) можат да се соочат со високи казни ако на работното место внесат уреди на кои ја има ТикТок апликацијата.

Комитетот за разузнавање на Конгресот минатата година предупреди „дека преку оваа апликација (како и некои други чии автори се исто така кинески компании), Кина сака да ги добие личните податоци на милиони граѓани на САД“.

Срѓан Митровиќ, експерт за ИТ и програмер, вели дека всушност сите апликации собираат податоци за корисниците:

„Гугл го знае секое место што сте го посетиле во последните неколку години. Инстаграм се сеќава на вашите фотографии од 2014 година. Само погледнете ја опцијата Меморис на вашиот Фејсбук, постојат работи што сигурно сте ги заборавиле, но Фејсбук ги памети. Е сега, замислете колку податоци се тоа кога ги користат стотици милиони луѓе“, истакна Митровиќ.

Мајкрософт е заинтересиран за ТикТок

И токму минатиот петок, претседателот на САД Доналд Трамп најави целосна забрана на ТикТок во САД.

„Јас можам да го направам тоа лесно, јас имам овластување да направам вакво нешто“, изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа.

Од Тик Ток веднаш одговорија дека податоците на корисниците се наоѓаат во САД,  и дека извршниот директор на компанијата Кевин Мејер е Американец, инаку поранешен извршен директор на Дизни, и дека десетици милиони Американци секојдневно ја користат апликацијата. Генералниот директор за САД, Ванеса Папас му порача на Трамп: „Не планираме да одиме никаде!“.

И, како што обично се случува во светот со големите компании, се чини дека веднаш се пронајде „соломонско“ решение. Компанијата Мајкрософт, најпозната по својот Виндоус оперативен систем, најави дека е заинтересирана да купи дел од акциите на Тик Ток за да го преземе нивниот бизнис во САД, правејќи ја целосно американска компанија. Мајкрософт би требало да издвои доста пари за вакво нешто, бидејќи вредноста на Тик Ток е проценета на над сто милијарди долари.

Безбедни корисници, безбедна конкуренција

Сепак, голем дел од ИТ експерти и новинари сметаат дека медијацијата не е грижа за приватноста на Американците, туку – помош за американските компании.

Имено, Фејсбук со своите апликации Инстаграм и Ватсап веќе долго време бележат стагнација на раст.  Бидејќи повеќето нови корисници на паметни телефони се наоѓаат во Кина и Азија, тие најчесто користат локални апликации на нивните јазици. Бидејќи станува збор за моментот кога Тик Ток ќе го загрози Фејсбук на „домашното поле“, се чини дека најавата за забраната дојде во вистинско време.

Од друга страна,  Мајкрософт, како еден од пионерите во светот на ИТ, никогаш не успеа на пазарот на мобилна телефонија. Нивниот проект за паметни  Виндоус телефони  не успеа, а Мајкрософт никогаш немаше своја социјална мрежа, иако буквално измисли многу технологии на кои тие почиваат. До сега.

И така, се чини дека во денешниот свет, вмрежан на интернет, политика, пари и технологија се само различни агли на истата приказна. Или отсекогаш биле.

Back to top button
Close