Советник на Радев: Ако државник од соседната земја доаѓа во Бугарија да пие кафе, треба ли да го истакнеме неговото знаме?

Посетата на претседателката на Република Северна Македонија на Бугарија беше по повод културен настан – не беше ниту државен, ниту работен. Поради оваа причина, македонското знаме не беше ставено пред грбот на претседателството, бидејќи за вакви посети не е потребно строго почитување на државниот протокол, објаснува Димитар Стојанов, поранешен министер и актуелен советник на бугарскиот претседател Радев.

По петочната посета на претседателката Гордана Сиљановска Давкова на Софија и средбата со бугарскиот претседател Румен Радев, македонската јавност ја разбранува заедничката фотографија во затворениот простор на претседателскиот кабинет на Радев, направена по средбата на двајцата претседатели на која покрај претседателката не е истакнато македонското државно знаме, туку само бугарското.

Од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова соопштија дека ќе побараат официјално објаснување од соседната земја дали истакнувањето на бугарското знаме покрај неа е протоколарен превид или пак намерна постапка и отстапка од договореното.

Советникот на Радев, Димитар Стојанов, за БНТ посочи дека средбата меѓу Румен Радев и Гордана Сиљановска – Давкова била исклучително конструктивна и со добар тон. Договорени се идните државни посети на РСМ и Бугарија – ова Стојанов го дефинира како чекор напред во дијалогот меѓу двете земји.

На прашањето дали посетата на претседателката на Република Северна Македонија е провокација, Димитар Стојанов одговори:

– Не би сакал да зборувам за провокација во овој случај, додека бараме чекор напред во развојот на нашите односи. Не е коректно да се мешаме со знамиња во оваа ситуација. Ако државник од соседната земја доаѓа да пие кафе во Бугарија, дали да ѝ ставиме знамиња во естаблишментот. Непотребно влошување на ситуацијата – коментира тој

Back to top button
Close