Нови измами преку уреди за фишинг на кодови за авторизација за превземање на платежните сметки на граѓаните
Народната банка предупредува на шема на нов и многу опасен начин на „фишинг“, каде со внесување на податоци од платежната картичка и доставен ОТП код за авторизација, се превземаат платежните сметки на клиентите од страна на измамници и ги повикува граѓаните на поголема внимателност.
Од Народната банка појаснуваат дека до граѓаните пристигнува фишинг порака (СМС, е-маил), во која се наведува на итност за исплата, испорака на пакет и слично и се дава врска на која треба да се уплати.
Од Банката додаваат дека измамениот е пренасочен кон „злонамерна“ веб-страна, на која внесува име и презиме, адреса, сериски бр.на картичка, дата на важност и CVV код од картичката. Измамникот ги користи овие информации за почеток на постапка за отворање на Google Pay паричник.
– Со започнатата постапка на измамникот за отворање на Google Pay паричник, Банката на измамениот му испраќа ОТП код за автентикација кој е со намена за дигитализација на платежна картичка, кој измамениот мислејќи дека му е потребен за завршување на платежната трансакција го внесува на „злонамерната“ веб-страна. Измамникот со добиениот ОТП код ја завршува регистрацијата на Google Pay и оттогаш располага со средства на сметката на измамениот, се вели во објавата на Народната банка на Фејсбук.
Од Народната банка бараат граѓаните да се информираат и да бидат внимателни за постојни измами, преку „фишинг“, како и редовно да ги следат насоките и информациите доставени од банките.
-Внимателно прочитајте го текстот за намената на ОТП кодот кој ви е доставен. Доколку ОТП кодот е доставен со намена да се изврши дигитализација на вашата платежна картичка, а вие тоа не сте го побарале, прекинете со активноста и веднаш контактирајте ја банката, велат од банката.
Додаваат дека граѓаните треба да направат прилагодување на лимитите за плаќање со нивните платежни картички согласно нивната вообичаена потреба и редовно да ги следат сметки за соминителни активности.