СДСМ: Мицкоски срамно ги брани виновниците за националното понижување во Бугарија

Според Кузеска, однесувањето на Мицкоски со кое го правда скандалот во Бугарија со смешни изјави потценувајќи ја интелигенцијата на граѓаните е срамно и навредливо за граѓаните

Христијан Мицкоски наместо да го осуди понижувањето на македонската држава среде Бугарија и да побара одговорност за тоа што се дозволи национален срам без македонско знаме, се обиде да ги оправда виновниците, Сиљановска-Давкова и министрите во неговата Влада, велат од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).

Партиската портпаролка Богданка Кузеска не денешната прес-конференција рече дека министрите и Сиљановска-Давкова, според Мицкоски, не реагирале на националното понижување во Бугарија за да не создаваат тензија.

„Ниту министрите ниту Сиљановска не реагирале за националното понижување во Бугарија заради жал за загинати пилоти, не сакале да создаваат тензија, вели Мицкоски. Демек знаеле дека е понижување и бришење под со Македонија ама не сакале да создаваат тензија? Па фотографиите само со бугарски знамиња тогаш зошто самите си ги објавија? Или и сликите ги објавија и се фалеа заради пилотите?“,рече Кузеска.

Според неа, однесувањето на Мицкоски со кое го правда скандалот во Бугарија со смешни изјави потценувајќи ја интелигенцијата на граѓаните е срамно и навредливо за граѓаните.

„Мицкоски нема образ, па тој ли ќе зборува за свиткана кичма, дозволи Бугарија под да избрише со Македонија и да ни приреди национален срам среде Софија. Дилетантизам и неспособност ете тоа го покажуваат Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ“,додаде таа.

Овој скандал, рече Кузеска, потврдува дека Владата и институциите предводени од Мицкоски и Сиљановска-Давкова, немаат никаков капацитет за меѓународна политика, а уште помалку да обезбедат подобри услови на земјата во меѓународни рамки.

„ВМРО-ДПМНЕ нема знаење, нема капацитет и нема одговорност да ја води државата на меѓународно ниво и со нив напредок ќе нема на ниту едно поле“,додаде Кузеска.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска рече дека македонската дипломатија не реагирала поради почит кон пилотите кои загинаа кога воен авион „Л–39 албатрос“ се урна во воздухопловната база „Граф Игнатиево“ во областа Пловдив.

„Не сакавме да создаваме тензија. Добро е што и денеска се реагира. Порано не ни пречеше што се виткаше кичмата и што се бакнуваа чевлите на нашите соседи. Тогаш ни беше убаво и тоа беше европска вредност. Секогаш кога ќе биде поминатата црвената линија ќе реагираме. Сакаме да градиме добрососедски односи, но тоа е двонасочна улица“рече Мицкоски.

Ќе му врачиме демарш на бугарскиот амбасадор, вели Мицкоски за отсуството на македонско знаме на фотографиите со Сиљановска-Давкова и Радев

Отсуството на државното знаме на земјава на вчерашната средба во Софија на претседателката Сиљановска-Давкова и бугарскиот претседател Румен Радев предизвика реакции во јавноста.

Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија рекоа дека на бугарскиот амбасадор во земјава Жељазко Радуков ќе му биде врачена протестна нота од директорот на Директоратот одговорен за регионот, а не од министерот.

Протестна нота од Скопје за Софија за отсуството на македонско знаме при ракувањето меѓу претседателите

Back to top button
Close