Еврото зајакна во однос на доларот

На девизните пазари, курсот на доларот во однос на еврото падна минатата недела, бидејќи американската централна банка ги намали каматните стапки поагресивно од очекуваното.

Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на САД во однос на шесте најважни светски валути, минатата недела ослабна за 0,4 отсто, на 100,74 поени, блиску до најниското ниво во една година.

Истовремено, курсот на доларот во однос на еврото падна за 0,8 отсто, па цената на еврото достигна 1,1160 долари. Сепак, американската валута зајакна во однос на јапонскиот јен, за 2,1 отсто, па нејзиниот курс скокна на 143,85 јени.

Доларот во однос на еврото драстично падна, бидејќи ФЕД ги намали каматните стапки повеќе од очекуваното во првото олабавување на монетарната политика во последните четири години.

Имено, на пазарот се проценуваше дека централната банка ќе ги намали каматните стапки за 0,25 процентни поени, но нејзините лидери решија да ја намалат цената на парите за агресивни 0,50 процентни поени, во опсег од 4,75 до 5 отсто.

Лидерите на ФЕД по редовната седница објавија дека инфлацијата постепено паѓа кон целното ниво од 2 отсто и дека сега се избалансирани ризиците за нивните цели во однос на пазарот на трудот и инфлацијата.

По зголемувањето на каматните стапки со години за да се потисне инфлацијата, челниците на ФЕД проценуваат дека, по ова агресивно намалување, дополнително ќе ги намалат каматните стапки за 0,50 процентни поени до крајот на годината, а за цел процентен поен во следната година .

„Се обидуваме да постигнеме стабилност на цените без да предизвикаме болно зголемување на невработеноста. Овој потег ја покажува нашата посветеност да ја постигнеме таа цел“, рече претседателот на ФЕД Џером Пауел на прес-конференција.

Пауел рече дека состојбата во економијата е добра, дека расте, а инфлацијата паѓа. Во моментов, рече тој, не гледа ништо во економијата што би укажало на можност за рецесија.

Back to top button
Close