Митот за независноста
Денко Малески
Некни, еден министер во владата на ВМРО-ДПМНЕ рече дека Македонија отсекогаш била за своја независна, самостојна и суверена држава а не за некаква федерација или некаков сојуз на суверени држави. Но, тоа не е вистина. Македонија не била отсекогаш исклучиво за тоа и не само во 1991.
Лозунгот на партизанската генерација во Македонија беше:„Нема Македонија без Југославија и нема Југославија без Македонија“. Во 1991, ние, нивните потомци, моравме да покажеме дека грешеле, дека темелите на државата која ја воспоставиле со АСНОМ во 1944, се посилни од што и самите верувале. Во тие турбулентни воени времиња на дело се покажа дека „има“ Македонија и без Југославија. Како тогаш да си го објасниме овој феномен, ова доминантно мислење, оваа невистина, во партијата ВМРО-ДПМНЕ и меѓу македонскиот народ денес дека никогаш не сме биле за ништо помалку од целосна независност? Што не е во ред со нашата свест? Карл Маркс, во „Германската идеологија“, пишува за јазот помеѓу стварноста и свеста, па заклучува дека свеста за минатото не е иста со самото минато. Имено, тој укажува на тенденцијата свеста да заостанува зад времето, а политичките заедници да го реконструираат минатото од перспектива на исходот што веќе се случил. Исходот што веќе се случил, како што знаме, е самостојна и суверена држава Македонија. Но, наместо вистина, и во најновата македонска историја добиваме мит, митот дека целосната независност била единствената замислива стратегија уште од самиот почеток.

Значи, денес е веќе конструиран наратив базиран не врз историјата како што се случила, туку „историјата“ каква што сака да ја памети партијата на македонските националисти и огромниот дел од македонскиот народ. Велам денес затоа што, од сеќавањето се брише дури и фактот дека, колку вчера, во еден момент од југословенската криза, истата таа партија, ВМРО-ДПМНЕ, во парламентот се изјасни за конфедерација.
Но, откога Македонија стана суверена држава, лесно е на глава да се преврти целата приказна. Имено, дека ние отсекогаш сме сакале само суверена држава. Историјата е, сепак, посложена,
Југославија не се распадна на некој датум, туку низ еден сложен, срамен и многу опасен повеќегодишен процес. И не на преговарачка маса туку под ударот на меѓуетнички војни на назабените национализми во кои изгинаа некаде околу 800.000 граѓани, а милиони беа раселени. Значи, ситуацијата во федерацијата беше флуидна и се менуваше од ден на ден, а војната, како по некое правило, траеше цели 4 години.
Оттаму и нашата позиција се менуваше. На почетокот, 1990-1991, реалната опција беше Македонија во рамките на реформирана федерација. Во лето-есен 1991 ескалацијата на војните покажуваше дека распаѓањето на Југославија станува се поверојатно. Како одговор на тоа, политичкото раководство ги повика граѓаните на Македонија на 8 септември 1991, на референдум да се изјаснат дали се за независност, но повторно со отворена можност суверената држава да стане дел од иден сојуз на суверени држави.
На Конференцијата за Југославија ЕЗ и Америка ја поддржаа позицијата на Македонија за сојуз на суверени држави и ја вградија и разработија нашата идеја во нивниот завршен документ, кој беше тавен на потпис од страна на претседателите на републиките. И, да. Се вратија, Хрватите и Словенците, потпишаа и Кучан и Туџман, па дури и Булатовиќ, сите освен Милошевиќ. Така, наместо мир во 1991, следеа крвави војни до 1995, кога се случи и геноцидот во Сребреница. Ние Ја добивме одлуката на Арбитражната комисија на Бадинтер дека Македонија и Словенија треба да бидат признаени од ЕЗ, Германија ја призна Хрватска и Словенија и почна секој да се спасува како знае и умее. Сценариото на националитсите во републиките победи. Имено, дури тогаш, кога Југославија и фактички се распадна во крвави етнички војни, им се исполнува желбата на националистите во сите републики, а Македонија трга кон целосна независност.
Денешната политика не може да прифати дека некаква поинаква политика од нивната умислена ја направила Македонија суверена држава, дека ставот се менувал согласно променетите историски околности и дека таа политика ја спаси земјата од војна. Затоа треба да се избегнува оваа вистина а нејзините носители треба да се изолираат од јавноста колку што е тоа можно повеќе. Зашто, само така може да се одбрани свест за минато која не е исто што и самото минато. Политичкиот наратив на македонските националисти, го користи јазот за кој пишува Маркс, оној меѓу свеста за вистината и поскауваната „патриотска вистина“. Лично мислам дека треба да се зборува вистинито, но гледам дека нема многу доброволци кои би ја поддржале а камоли да се вклучат во оваа дебата. Имено, без оглед на фактот дека живееме во демократија, сеуште важи предупредувањето на Марко Цепенков до Македонците:„Тој што ја кажвит вистината едвај останвит жив“.






