Владата ќе потроши над 350.000 евра за промовирање на својата работа преку бугарска фирма

Владата повторно ќе потроши над 350.000 евра народни пари за рекламирање на проектите кои ги реализира таа, а за таа намена повторно е ангажирана компанија чиј косопственик е фирма регистрирана во Бугарија.

На 1 септември Владата, односно Генералниот секретаријат на Владата, склучи нов договор со „Фрајдеј Комуникации ДООЕЛ Скопје“ вреден 21,2 милиони денари или околу 350.000 евра за видео и фото продукција, следење и информирање за владините проекти.

 

 

Договорот кој е склучен на една година има три ставки: видео продукција, фото продукција и комуникациска кампања.

Оваа фирма во мај 2025 година го привлече вниманието на медиумите во Македонија откако склучи договор со Генералниот секретаријат на Владата во вредност од 23,6 милиони денари (околу 360.000 евра) за видео и фото продукција, следење и информирање за владините проекти. На двата договори со продукцијата е потпишан генералниот секретар на Владат, Игор Јанушев.

Според податоците на „Company Wall“ косопственици на компанијата се Марко Костадиновски и МК МЕДИЈА ГРУП ЕООД.

МК МЕДИЈА ГРУП ЕООД е бугарска компанија, основана во 2020 година, со седиште во Благоевград, Бугарија, управител е Зоран Милевски (бугарско државјанство), а сопственик е Ванчо Бошков (учествувал во основање на компанијата со македонско државјанство).

Компанијата во Бугарија се занимава со обезбедување услуги преку Интернет, интернет трговија, услуги обезбедени преку телефон, рекламни активности, обезбедување маркетиншки услуги, онлајн продавница, купување стоки или други предмети со цел продажба во оригинална, обработена или обработена форма; трговско застапување и медијација; услуги за рекламирање, информации, програмирање и управување; трансакции со интелектуална сопственост; консултантски активности, како и сите други активности и услуги што не се изрично забранети со закон, по издавање на соодветна дозвола, акредитација, лиценца, доколку е потребно.

Според бугарската база на податоци за компании, може да се види дека Ванчо Бошков ја купил компанијата од Марко Костадиновски, кој е сопственик на македонската компанија која го доби тендерот од Владата.

Дел од медиумите веќе објавија дека Марко Костадиновски наводно имал блиски бизнис релации со ексдиректорот на МРТВ, Марјан Цветковски.

Меѓу контроверзните договори на Владата со маркетинг агенциите во последните две години е и тој од 19 март 2025 година, склучен на три дена после трагедијата во Кочани. Договорот со агенцијата Маркет Вижн беше склучен за истражување на јавното мислење во вредност од 400.000 евра. Договорот е склучен за време на седумдневната жалост поради трагедијата во Кочани во која настрадаа 59 млади луѓе (fokus.mk)

Back to top button
Close