Владините институции прават попис на потребите на службените возила, меѓу новите кои ќе се купат ќе има и електрични и хибридни
Владата на Република Северна Македонија ќе набавува нови возила, меѓу кои електрични и хибридни. Но, набавката ќе се планира во следниот буџет. Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска изјави дека сите институции се задолжени да направат попис на потребите на возила.
-Второ што сакаме да направиме е да имаме поинаков пристап преку оперативен лизинг да ги намалиме трошоците за нивно одржување и на тој начин да обезбедиме нова флота на возила, меѓу коишто сигурно ќе има и такви електрични возила, хибридни итн. Возила со коишто сигурно нема да биде мисијата на лоши честитчки, оваква каква што е сега и очекувам дека набруго тоа ќе го направиме. Но секако не оваа година, бидејќи тоа мора да биде предвидено во буџетот за следната година, вели Мицкоски.
Премиерот Мицкоски истакна дека и преку инвестициите во енергетиката планот е Македонија да биде енергетски независна во делот на увозот на електричната енергија, а го најави и носењето на новиот Закон за енергетика. Тој додаде дека со инвестицијата на компанијата „Алказар“ во производство на енергија од обновливи извори на енергија очекува да се произведува струја некаде еден терават час.
-Еден терават час е отприлика, колку што е 25 % од вкупното производството коешто го имаме како држава и со еден еден терават на час ќе дојдеме до би рекол на чекор до независност, а во периодот којшто следи со носење на новиот Закон за енергетика, каде што ќе бидат предвидени батериски системи и слично, мислам дека во следната веќе 2025, почетокот на 2026 година би можеле да зборуваме за портфолио на државата увоз-извоз нула. Што значи дека ќе ја направиме Македонија енергетски независна од делот на увоз на електрична енергиј, изјави Мицкоски.
За лошата состојба во АД ЕСМ, која се дави во долгови, Мицкоски истакна дека точно е долговите се огромни.
-За жал во право сте дека во изминатите седум години, ништо не е променото од една состојба, којашто јас кога бев генерален директор во АД ЕСМ со ЕЛЕМ тогаш со 25 милиони евра банкарски депозити, шест милиони евра на сметка и нула долгови, за жал пред некоја недела ја оставија компанијата со повеќе од 80 милиони евра долг, пет милјарди денари, изјави Мицкоски.
Посочи дека се прави Програма за санација на долговите на АД ЕСМ и какошто рече премиерот Мицкоски „верувајте дека многу скоро ќе излеземе од овие долгови коишто ги оставија оние криминалци, коишто претходно го водеја“.