Комеморација во болницата „Плодност“ за трагично загинатите колеги

Вработените во болницата „Плодност“ во Битола и пациентите на денешната комеморација се збогуваа со двајцата врвни лекари прим. Д-р Александар Ристески (75) специјалист-радиолог, д-р Никола Василески (42) специјалист-гинеколог акушер и Фанче Јованоска (51) радиолошки технолог, сите од Прилеп, кои загинаа во тешката сообраќајна несреќа вчера на патот Прилеп-Битола патувајќи на работа.

На комеморацијата што денеска се одржа во болницата „Плодност“ во Битола присуствуваа и блиски роднини на починатите и градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.

„Загубата е огромна за семејствата на трагично загинатите, ги загубија најблиските, а ние како болница загубивме професионалци, стручни лица, но и пријатели. Огромна е и загубата за пациентите. Велат дека смртта не боли, боли она што ќе се случи после неа, а тоа е празнината, тагата и болката“, рече прим. д-р Таше Трпчевски, сопственик на болницата „Плодност“, пренесува „СДК.мк“.

За д-р Ристески, кој Медицинскиот факултет го завршил во Белград, а специјализацијата во Скопје, рече дека бил еден од ретките низ чии раце редовно минувале голем број пациенти од денот на нивното раѓање, па до повозрасни години. Сите новороденчиња во „Плодност“ задолжително имале ехо преглед кај него. Кај возрасните лица со неговата дијагностика спасил многу животи, превенирајќи и откривајќи различни заболувања.

„Бројни пациенти од цела земја и регионот секој ден бараа термин повеќе за преглед кај него. Го достигна врвот на својата професионалност, вистински експерт, преголем дијагностичар, ни помогна многу во предоперативната дијагностика и постоперативните компликации. Неговите дијагнози се совпаѓаа со оние од компјутерот“, рече Трпчевски.

Докторот Ристески многу се радувал на новиот радиолошки апарат, кој ќе биде монтиран за два дена во болницата, но немал среќа да работи не него.

„Ми го побара акцелераторот од стариот апарат за, како што рече, да го чува во неговиот музеј. Тој чуваше примероци од постари апарат во неговиот музеј, ете тоа ја покажува неговата посветеност кон професијата“, рече Трпчевски.

Осврнувајќи се на д-р Никола Василевски кој медицина завршил во Скопје, а во Ријека специјализирал породување во вода, рече дека бил дел од младата докторска постава и иднина на „Плодност“, вклучен во оперативниот лапараскопски тим.

„Пример на мирен човек, бубачка би рекол, секогаш на висината на својата задача. Пред два-три дена ја направи последната лапараскопска операција. Еден од лакарите кај нас со најголем број асистенции. Со ненаметлив однос кон пациентите, многу професионален лекар, кој не сакаше да му преземе пациенти на друг колега“, рекоа во „Плодност“.

За радиолошкиот технолог д-р Фанче Јованоска беше кажано дека беше десна рака на докторот Ристески, врвен експерт во својата област.

„Беспрекорна личност, тивка, мирна, кога ја отворавме болницата доктор Ристески ми рече ‘треба да земеш техничар кој ја знае својата проблематика, а јас ќе ти ја предложам сестра Фанче’. И не згрешив. Се радуваше многу на рентген дијагностиката. Комуникативна личност, ниеден вработен нема замерка за неа. Многу е голема загубата, посебно за нејзините деца кои сега се на 18 и 20 години“, рече Трпчевски.

Погребот на доктор Василески се одржа денес, а неговите двајца колеги со кои почина заедно ќе бидат погребани утре.

 

Back to top button
Close