Шатунас за МИА: И покрај важноста на билатералните прашања, тие да останат настрана од реформските процеси, во спротивно ќе трпат реформите

Заменик-министерот на Литванија, Симонас Шатунас смета дека на раздвојувањето на Северна Македонија и Албанија на евроинтегративниот пат може да се гледа и како добар аргумент за тоа како да се направи повеќе. Тој во интервју за МИА вели дека тоа не е уникатен случај, дека и неговата држава била раздвоена од Естонија и Полска, кои порано од нив започнале преговори, по што вложиле поголем напор за да ги стигнат и успеале во тоа.

Иако нагласува дека Копенхашките критериуми треба да бидат клучни во просецот на членство во ЕУ, сепак за жал присутни се и билатерални прашања, кои, како што напомена не смеат да го засенат процесот. Шатунас истакнува дека и покрај важноста на билатералните прашања, тие треба да останат настрана од реформските процеси, бидејќи, доколку не е така, тогаш реформите ќе трпат поради други прашања.

-Литванија ги носи одлуките врз основа на заслуги и сметаме дека просецот на пристапување во ЕУ е процес што се заснова на заслуги и кога земјите спроведуваат реформи треба да се движат што е можно побрзо. Затоа на билатерална основа имаме многу т.н. технички проекти, односно твининг проекти, преку кои нашите институции им помагаат на вашите институции во различни области во спроведувањето на реформите. Во однос на раздвојувањето, не мислам дека е тоа уникатен случај во процесот на пристапување. Така беше и во нашиот случај, Литванија ги започна преговорите со една голема група, но и ние бевме раздвоени. Естонија и Полска започнаа преговорите порано од нас и ние моравме да вложиме многу напори за да ги стигнеме, во што и успеавме. Ги затворивме преговорите во исто време и една голема група на земји-кандидати се приклучија на ЕУ во иста година. Би рекол дека раздвојувањето може да биде добар аргумент за тоа како да се направи повеќе, бидејќи во нашиот случај ние направивме повеќе и раздвојувањето претставуваше еден поттик за да ги спроведеме реформите побрзо и постручно, вели Шатунас во интервјуто за МИА.

Симонас Шатунас, заменик-министерот за надворешни работи на Литванија

Во врска со тоа колку процесот на евроинтеграција е заштитет од билатерлизација, особено во однос на прашања поврзани со историјата и идентитетот, тој напоменува дека билатерализацијата е реалност во процесот на пристапување и од претходно. И Литванија имала билатерално прашања со Полска и Летонија, со првата во однос на малцинствата, со втората за морската граница, но биле согласни да се фокусираат на сратешките прашања и биле согласни дека билатералните треба да се остават настрана.

-Така, ние не сме поддржувачи на билатерализацијата на различни прашања во процесот на пристапување. Ние веруваме дека и покрај нивната важност, тие треба да останат настрана од реформските процеси, бидејќи доколку не е така, тогаш реформите ќе трпат поради други прашања. Сметаме дека тоа не е добра пракса и во нашиот случај најдовме начини како да се договориме со нашите соседи, нагласува Шатунас.

Во врска со тоа колку земјите-членки на ЕУ имат слух за идејата за одложени уставни измени кај нас, кои би стапиле во сила, откако Бугарија ќе го ратификува договор за членство, со цел да се избегнат натамошн и вета поврзани со идентитетски прашања и каков е ставот на Литванија, Шатунас не дава конкретен одговор, но напоменува дека сметаат оти билатералните прашања не смеат да го попречат процесот, но оти и важно е да се исполнуваат преземените обврски.

– Како што кажав претходно, ние сметаме дека билатералните прашања не смее да го засенат или попречат процесот на преговори и пристапување. Од друга страна, многу е важно кога се склучуваат договори и се преземаат обврски да нема застој и да нема повторно отворање, односно дека обврските треба да се спроведат инаку може да дојде до нова реалност и повторни одложувања. Затоа ние сметаме дека треба да има што помалку билатерални прашања, но доколку се преземат обврски тогаш е подобро да се продолжи со спроведувањето и процесот да се движи напред, бидејќи тоа е целата идеја – да се отстранат билатералните прашања од процесот на преговори, вели Шатунас.

Во врска со неодамнешните најави на полскиот министер за одбрана Владислав Косињак Камиш дека Варшава ќе го блокира пристапот на Украина во ЕУ, се додека Киев не го реши прашањето за ексхумација на жртвите од масакрите во реонот на северозападниот украински град Волињ, извршени во текот на Втората светска војна, вели дека е свесен оти е тешко да се стават настрана големи и тешки историски теми.

-Но сепак ние ги охрабруваме земјите да го заземат патот на билатерален дијалог, онака како што направивме ние со историските прашања и потоа да продолжат да го движат процесот на пристапување и да го искористат моментот, бидејќи сега е тој момент кога Украина, Молдавија и Западен Балкан го имаат вниманието на Европската унија. Претседателката на Европската комисија Фон дер Лајен и многу земји-членки го ставаат процесот на проширување на врвот на приоритетите. Ние сметаме дека овој прозорец на можности претставува историска шанса, исто како што беше и за нас пред 20 години и сме членки на Унијата веќе две децении. Така, тешките прашања треба да бидат решени преку билатерален дијалог, односно треба таквиот дијалог да се охрабри, но од друга страна и реформите што се потребни во процесот на проширување треба да се движат напред, вели Шатунас.

Во интервјуто тој говори и за отворањето на Канцеларијата на Литванската амбасада во Скопје, која е прва дипломатска мисија на Литванија во земјите од Западен Балкан. Нагласува дека сакаат да го зајакнат присуство во Западен Балкан, бидејќи гледаат дека особено Северна Македонија спроведува реформи што водат кон отворање на пристапните преговори за членство во Европската Унија.

На патот кон ЕУ за Вилнус најтешките прашања за кои се кршеле копја во јавниот дискурс биле затворањето на нуклеарната централа, изградена во време на Советскиот сојуз, со која се произведувало 70-90 проценти од електричната енергија на Литванија, но биле снабдувани и Летонија, Калининград и Белорусија, укинувањето на смртната казна и измени во ограничувања за странци да купат земјоделско земјиште во државата.

За борбата против копрупцијата нагласува дека е клучна во целиот пристапен процес, па и понатаму како држава-членка, нагласувајќи дека нејзината успешнот најмногу зависи од политичката волја и одлучност.

Билатералните односи ги оценува како одлични, следната година двете држави слават 30 години од нивното воспоставување, а смета дека може да се зајакнат особено во сферата на економијата, бидејќи трговијата постои но нејзиниот обем е мал.

Во интервјуто говори и за именувањето на Литванецот Андриус Кубилиус за прв комесар на ЕУ за одбрана. Вели оваа позиција е креирана во насока да се зајакнат способностите на одбранбената индустрија на Европската унија. Смета дека нема да има паралелизам со НАТО, туку синергија со она што ЕУ може да го направи за општата безбедност на европскиот континент и што може да направи за да им помогне на европските армии да бидат подобро снабдени со современи и конкурентни технологии.

Back to top button
Close