Хрватскиот Сабор расправа за учество во мисијата на НАТО за поддршка на Украина

Хрватскиот Сабор денеска расправа за учество на Хрватска во мисијата на НАТО за поддршка на Украина, бидејќи претседателот на земјата Зоран Милановиќ ја ускрати согласноста за испраќање војници.

Владата предложи Саборот да се изјасни за тоа, бидејќи претседателот на Хрватска, кој според Уставот е врховен командант, одби да даде согласност за учество на хрватските војници во таа мисија, велејќи дека сака да спречи „потенцијално штетни ефекти“ врз националните интереси и вовлекување во војна.

За да се смени одлуката на претседателот, потребно е двотретинско мнозинство во Саборот или најмалку 101 глас на гласањето закажано за петок.

Власта има 77 пратеници, па за оваа одлука би требало да придобијат дел од опозицијата, што ќе биде тешко.

Министерот за одбрана и потпретседател на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) Иван Анушиќ на пленарната седница на Саборот повтори дека се работи за испраќање вкупно пет војници во Визбаден, Германија, за обука на украинските војници. Тој додаде дека со оваа мисија, НАТО нема да стане страна во вооружениот конфликт и дека Хрватска стави дополнително национално ограничување што го спречува распоредувањето на војници надвор од територијата на земјите-членки на НАТО и во Украина.

Пратениците од опозициската Социјалдемократска партија (СДП), од која доаѓа и претседателот на Хрватска, во своите говори го прашаа Анушиќ дали може да гарантира дека ниту еден војник од која било земја што учествува во мисијата нема да биде во Украина.

Во своите реплики на говорот на министерот, пратениците од опозицијата посочија дека Хрватска нема да го загуби угледот, како што тврди владата, со тоа што нема да учествува во една воена мисија.

Back to top button
Close