АВМУ го осуди палењето на возилото на уредникот на штипската телевизија М-Нет, апелира МВР брзо да го расветли случајот

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) денеска остро го осуди опожарувањето на возилото на новинарот и сопственик на штипската телевизија М-Нет, Благој Серсемов, и ги повика надлежните во најскоро време да го расчистат случајот.

Оттаму посочуваат дека заканите и заплашувањата кон медиумите ја поткопуваат демократијата, слободата на говорот и слободата на информирање.

„Безбедноста на медиумските работници е клучна за постоење на независни и професионални медиуми, кои се еден од главните стожери на демократските процеси и кои придонесуваат за унапредување на слободата на изразување“се вели во соопштението на АВМУ.

Истовремено, Агенцијата го повикува Министерството за внатрешни работи во најскоро време да го расчисти случајот и да ја информира јавноста за причините за, како што велат, овој вандалски чин.

Автомобилот на Серсемов, како што беше соопштено вчера, бил запален ноќта меѓу средата и четвртокот од непознати лица во дворот на неговата семејна куќа.

Информирајќи за настанот, од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) вчера, покрај осудата на вандалскиот чин и повикот за итно расветлување на случајот, рекоа дека Серсемов се соочува и со правни притисоци, односно со неосновани тужби за клевета поради што е застапуван од адвокатите на ЗНМ пред Основниот суд во Штип.

„Заканите од ваков тип се неприфатливи во едно демократско општество кое тежнее кон заштита на медиумските права и безбедноста на сите новинари. Овој напад не е само физички чин на уништување на имот, туку има за цел да ги замолчи новинарите и да го заплаши медиумскиот сектор во земјава во целост“,се вели во вчерашната реакција на ЗНМ.

Back to top button
Close